Дунав пресушува од Будимпешта до Бугарија: Водостојот на рекордно ниско ниво

Во Будимпешта реката падна на историски минус еден сантиметар, додека слично лоша е ситуацијата и во Бугарија.

Нивото на реката Дунав во Будимпешта на 1 октомври се спушти на рекордни минус еден сантиметар, надминувајќи ги сите досегашни историски минимуми. Екстремниот пад на водостојот истовремено го парализира речниот сообраќај и низводно кон Бугарија, каде мерните станици во Русе и Оријахово бележат нивоа под еден метар под нулата. Долготрајната европска суша го доведе речниот слив до најкритичната точка во последните две децении.

Мерната станица кај плоштадот „Вигадо“ во центарот на Будимпешта регистрираше водостој од минус еден сантиметар. Нулата на оваа унгарска мерна скала одговара на најниското ниво забележано за време на големата суша во 1834 година.

Падот траеше континуирано низ целото лето. На 28 јули водостојот падна на 31 сантиметар, со што го собори претходниот рекорд од 33 сантиметри поставен во октомври 2018 година. До почетокот на септември водата се спушти на само еден сантиметар, за на 1 октомври официјално да премине во негативната зона. Повлекувањето на реката повторно откри карпести гребени и остатоци од потонати бродови од Втората светска војна.

Кризата се протега долж целиот долен тек. Официјалните податоци од бугарската агенција за истражување и одржување на Дунав покажуваат драстично празнење на речното корито.

Во Русе водостојот се спушти на -106 сантиметри, во Оријахово на -103, додека Силистра измери -94 сантиметри. Хидролошките прогнози најавуваат дополнителен пад до -113 сантиметри, а во песимистичко сценарио и до -120 сантиметри. Бродовите пловат со драстично намален капацитет за да избегнат заглавување во песочните спрудови. Товарниот транспорт трпи милионски загуби, а туристичките крстарења меѓу Виена, Будимпешта и црноморските пристаништа се откажани или скратени.

Сателитските снимки од програмата „Коперник“ на Европската вселенска агенција покажуваат непрепознатлив речен пејзаж во споредба со просечните години. Големи делови од речното дно се целосно суви, особено околу речните острови во Унгарија и Србија.

Климатските податоци покажуваат дека ова е најтешката хидролошка суша за европските речни коридори од почетокот на системските сателитски мерења во 1992 година. Нискиот водостој не само што ја запира трговијата, туку го загрозува и ладењето на индустриските постројки долж реката, како и снабдувањето со вода за наводнување во земјоделските региони на Подунавјето.

е-Трн да боцка во твојот инбокс