ЈП „Комунален сервис“ од Валандово денеска ги предупреди граѓаните дека во водата за пиење од градскиот водовод е забележано зголемено ниво на арсен.
„Поради наведеното, се препорачува водата од градскиот водовод во Валандово да не се користи за пиење сѐ до добивање на нови резултати кои ќе ја потврдат нејзина исправност. Водата може да се користи исклучиво како техничка вода,“ велат од валандовското комунално претпријатие.
Оттаму нагласуваат и дека веќе се преземаат сите потребни активности и се вршат дополнителни анализи и контроли на квалитетот на водата, во соработка со надлежните институции.
Од претпријатието за порталот Слободен печат изјавиле дека моменталното ниво на арсен во водата изнесува 14, а максималната граница е 10, како и дека се земени нови мостри и резултатите од нив ќе бидат готови во петок.