Водата во Гостивар штетна за пиење, Обвинителство проверува дали отпадни води се внесувале во водоводот

Според информациите на локалните медиуми над 150 лица побарале здравствена помош во текот на последните два дена

Нагло е зголемен бројот на граѓани кои со дијареа, повраќање и цревни проблеми се јавиле во гостиварската болница.

Според информациите на локалните медиуми над 150 лица побарале здравствена помош во текот на последните два дена, што го крена алармот за вонредна проверка на квалитетот на водата за пиење.

Вчера околу 18:20 часот, инспектори од Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар, постапувајќи по насоки на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар, презедоа итни мерки и активности на терен во село Вруток, поради сомневање за загадување на водата со која се снабдува градот Гостивар.

Постојат основи на сомневање дека Јавното претпријатие „Водовод“, во соработка со општина Гостивар, поставило три пумпи во корито на истечни отпадни води, преку кои се вбризгувала вода директно во главниот цевковод што го напојува градот. Оваа активност најверојатно била преземена со цел да се зголеми притисокот во мрежата поради недостиг на питка вода, со што директно се загрозува здравјето на граѓаните на Гостивар.

Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, поради сомнение за сторено кривично дело „загадување на вода за пиење“, предвидено и казниво по член 219 од Кривичниот законик.

Во расчистувањето на овој случај, покрај полицијата и обвинителството, веднаш се вклучија и Институтот за јавно здравје, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот инспекторат за животна средина, како и лиценциран вештак кој треба да изврши стручна процена на незаконски поставениот систем.

е-Трн да боцка во твојот инбокс