Во овие земји инфлуенсерите имаат најголема публика: САД се далеку од врвот, а првото место изненадува

Гана е светски лидер во следењето инфлуенсери, пред Филипините и Бразил. Иако САД се дом на некои од најголемите интернет-ѕвезди и социјални платформи, се наоѓаат дури на 31. место, а Европа е последна меѓу регионите.

Кога се зборува за инфлуенсери, најчесто првата асоцијација се САД – земјата во која се создадени некои од најголемите светски интернет-ѕвезди и платформи за социјални медиуми. Но, глобалните податоци покажуваат поинаква слика: културата на следење инфлуенсери е многу пораспространета во неколку африкански, азиски и латиноамерикански земји.

На врвот на светската листа е Гана, по која следуваат Филипините и Бразил. САД, и покрај нивната значајна улога во глобалната дигитална култура, се наоѓаат далеку од првите десет.

Податоците се од истражувањето на ГВИ (GWI) за вториот квартал од 2025 година, објавено во рамките на извештајот „Дигитал 2026 – Глобален преглед“ (Digital 2026 Global Overview Report). Анализата го мери уделот на корисниците на социјалните мрежи на возраст од 16 години и повеќе кои следат инфлуенсери, во вкупно 53 земји.

Гана е на врвот, САД дури на 31. место

Гана ја предводи светската листа со 46,8 проценти од корисниците на социјалните мрежи кои следат инфлуенсери. На второто место се Филипините со 42,9 проценти, а на третото Бразил со 40,4 проценти. Ова се единствените три земји во кои повеќе од 40 проценти од корисниците на социјалните мрежи следат инфлуенсери.

Јужноафриканската Република е на четвртото место со 35,2 проценти, а Тајланд е петти со 32,9 проценти. Меѓу првите десет се и Малезија, Нигерија и Индонезија. САД се наоѓаат дури на 31. место со 21,4 проценти, веднаш пред Канада, каде што уделот изнесува 21,3 проценти. За споредба, процентот на корисници што следат инфлуенсери на Филипините е речиси двојно поголем од оној во САД.

На дното на листата е Русија со само 7,5 проценти, а по неа е Турција со 11,4 проценти. Јапонија и Чешка имаат идентичен удел од 14,4 проценти. Разликата меѓу Гана и Русија изнесува дури 39,3 процентни поени, што значи дека уделот во Гана е повеќе од шест пати поголем.

Африка предничи, Европа е на последното место

Регионалните просеци откриваат значителни разлики во навиките на корисниците на социјалните мрежи. Африка е на првото место со просек од 33,4 проценти, а по неа следува Јужна Америка со 30,2 проценти. Европа е на последното место со просек од 20 проценти – повеќе од 13 процентни поени помалку од Африка.

Сите пет африкански земји опфатени со истражувањето – Гана, Јужноафриканската Република, Нигерија, Кенија и Египет – имаат поголем удел на корисници што следат инфлуенсери отколку САД. Европа покажува поинаков тренд. Само Норвешка, Португалија и Ирска го надминуваат светскиот просек од 22,6 проценти. Останатите 20 европски пазари опфатени со истражувањето се под таа вредност.

Азискиот просек изнесува 24,9 проценти, но разликите меѓу земјите се големи. Филипините се убедливо први со 42,9 проценти, додека Јапонија има 14,4, а Кина 15,8 проценти. Северна Америка бележи просек од 23 проценти. Мексико е на 26,2 проценти, значително над резултатите на САД и Канада.

Важно е да се напомене дека регионалните резултати се пресметани како непондерирани просеци на истражуваните земји, а не како процени што ја земаат предвид големината на населението на цели континенти. И бројот на опфатени пазари се разликува: од 23 во Европа до само два во Океанија.

Повеќе време на социјалните мрежи, повеќе следење инфлуенсери?

Земјите во кои луѓето интензивно ги користат социјалните мрежи често се наоѓаат високо и на листите за следење инфлуенсери. Претходна анализа на „Вижуал капиталист“ (Visual Capitalist), која го истражувала времето поминато на социјалните мрежи, покажала дека Кенија, Јужноафриканската Република, Бразил и Филипините се меѓу земјите со најинтензивно секојдневно користење на овие платформи.

Сите четири земји бележат и висок удел на корисници кои следат инфлуенсери. Тоа укажува на можна поврзаност меѓу времето поминато на социјалните мрежи и интересот за дигиталните креатори. Сепак, истражувањето мери само колкав дел од корисниците на социјалните мрежи следат инфлуенсери. Тоа не ја покажува вкупната големина на нивната публика, нивото на интеракција со содржините или влијанието врз купувачките навики.


Затоа, високото место на листата не мора да значи дека инфлуенсерите во таа земја заработуваат повеќе или имаат поголема моќ врз потрошувачите. Но, податоците јасно покажуваат дека глобалната култура на инфлуенсерите е многу поширока од американската дигитална сцена – и дека некои од најангажираните публики се наоѓаат на сосема неочекувани места.

е-Трн да боцка во твојот инбокс