Украинските сили синоќа нападнале голема нафтена рафинерија во рускиот град Волгоград и производствен погон во Ростов на Дон, објави „Киев индепендент“. Нападот со беспилотни летала се случил само еден ден по трилатералните мировни преговори во Абу Даби. Со него Украина ја продолжува кампањата против инфраструктурата што ја снабдува руската војска и придонесува за приходите на Москва од енергетскиот сектор, пишува „Индекс“.
Пожар и експлозии во една од најголемите руски рафинерии
Украинските канали за следење на воените случувања „Ексиленова плус“ и „Супернова плус“ објавија снимки и информации за пожар и експлозии во рафинеријата „Лукоил-Волгоградњефтепереработка“.
Станува збор за една од најголемите рафинерии во Русија, со годишен капацитет за преработка од 15 милиони метрички тони сурова нафта. На снимките од очевидци се гледа како пламенот од рафинеријата го осветлува ноќното небо, а се слуша и дејствувањето на руската противвоздушна одбрана.
Поради украинските напади врз енергетската инфраструктура, во Русија веќе се воведени ограничувања во снабдувањето со гориво. На снимките од Волгоград се гледаат и граѓани кои по нападот чекаат во редици пред бензинските пумпи.
Гувернерот потврди масовен напад врз Волгоград
Регионалниот гувернер на Волгоград, Андреј Бочаров, потврдил дека градот бил изложен на „масовен“ напад и дека избиле пожари во јужната индустриска зона. Рафинеријата во Волгоград е едно од најголемите постројки во сопственост на „Лукоил“, втората најголема руска нафтена компанија. Украинските сили и претходно ја нападнале, на 2 октомври. Објектот се наоѓа на околу 400 километри од украинската граница.
Нападнат и Ростов на Дон, оштетена станбена зграда
Југозападно од Волгоград, украинските сили го нападнале и Ростов на Дон, потврдил гувернерот на Ростовската област, Јуриј Сљусар.
Според неговите информации, по нападите избиле пожари во производствен погон и складиште, додека остатоци од соборени дронови оштетиле станбена зграда. Украински дрон и на 8 ноември го нападнал Ростов на Дон, при што биле оштетени мост и енергетски постројки. Тогаш во градот биле затворени патишта и било прекинато снабдувањето со електрична енергија.
Дронови го нападнаа и Москва, погодена и рафинеријата во Омск
Нападите врз Волгоград и Ростов на Дон се случиле кратко по нападот со десетици украински дронови врз Москва, во ноќта меѓу 12 и 13 ноември. Според руските официјални претставници, нападот го нарушил авиосообраќајот на неколку од најголемите аеродроми во московскиот регион.
Украинските сили за специјални операции, исто така, потврдиле дека на 11 ноември ја погодиле руската рафинерија за нафта во Омск, која важи за најголема во земјата.
