Во Манастирот во Водоча се одржа Свечена духовна академија

Во Манастирот „Покров на Пресвета Богородица и Свети Леонтиј“ во Водоча вечерва се одржа Свечена духовна академија во чест на патронот на Струмица – Светите петнаесет Тивериополски свештеномаченици, на која со одлука на Струмичката епархија при МПЦ-ОА им се додели столен медал од прв ред на Светиот македонски крст на градоначалникот Костадин Костадинов и на Советот на Општина Струмица.

На Свечената духовна академија беше изведена богата културна програма, а присуствуваа митрополитите на Дидимотика, Дамаскин и Захумско-херцеговскиот, Димитриј, директорката на Комисијата за односи меѓу верските заедници, Оливера Трајковска, членови на Советот на Општина Струмица, градоначалници од регионот, граѓани и верници.

Одбележувањето на Денот на заштитниците на Струмица – Светите петнаесет Тивериополски свештеномаченици почна попладнево со празнична Вечерна богослужба, а продолжува утре со Света Архиерејска литургија во чест на Светите Петнаесет во истоимената манастирска црква.

Утре ќе се одржи и свечена седница на Советот на Општина Струмица, на која за значењето на празникот ќе говори градоначалникот Костадин Костадинов. Покрај тоа, ќе бидат доделени и традиционалните годишни награди и награда за животно дело на истакнати поединци и организации за 2024 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс