Во Бангладеш стотици деца починаа од мали сипаници: „Сè поради недостиг на вакцини“

Повеќе од 500 деца починаа од мали сипаници во Бангладеш од март досега, додека здравствениот систем се соочува со сериозен недостиг на вакцини и преоптоварени болници.

Повеќе од 500 деца починале од мали сипаници или сомнеж за инфекција со вирусот во Бангладеш од март досега, додека здравствениот систем во земјата е на раб на колапс поради недостиг на вакцини и голем број заболени.

Меѓу жртвите е и четиригодишната Акира од главниот град Дака. Нејзиниот татко Ал Амин вели дека девојчето ги примило сите вакцини освен онаа против мали сипаници, бидејќи семејството неколкупати безуспешно се обидувало да ја вакцинира.

„Никогаш не ѝ недостигаше љубов. Таа беше нашето сè“, изјави Ал Амин.

Семејството четири пати се обидело да ја вакцинира Акира. Двапати биле вратени затоа што девојчето било настинато, а потоа им било кажано дека вакцини нема. Акира прво добила температура, а подоцна и осип, висока треска и рани во устата. Пет пати била примена и пуштена од болница, а дури при петтиот прием лекарите потврдиле дека има мали сипаници.

Починала 27 дена по првиот прием во болница.

Над 60.000 сомнителни случаи

Според Министерството за здравство на Бангладеш, во нешто повеќе од два месеца се регистрирани над 60.000 сомнителни случаи на мали сипаници. Министерот за здравство Сардар Сахават Хосаин соопштил дека на лекарите и медицинските сестри им биле откажани одморите за време на празникот Еид, додека владата започнала масовна кампања за вакцинација.

Малите сипаници се исклучително заразна болест која брзо се шири преку кашлање и кивање, а најопасна е за невакцинирани деца под петгодишна возраст.

Преоптоварени болници и недостиг на вакцини

УНИЦЕФ потврди дека болниците во најпогодените области се преоптоварени и дека персоналот работи на изолација и тријажа на децата.

Според доктор Муштак Хусаин, поранешен научен службеник во Институтот за епидемиологија, локалните здравствени установи немаат доволно капацитети, поради што многу семејства патуваат во поголеми градови во потрага по медицинска помош.

Политичка криза и доцнење на вакцините

Претставничката на УНИЦЕФ за Бангладеш, Рана Флауерс, изјави дека кризата е резултат на повеќе фактори, меѓу кои: пропуштени редовни вакцинации уште од 2023 година, голема густина на население, масовни движења на населението и доцнење во набавката на вакцини.

По политичките немири и заминувањето на поранешната премиерка Шеик Хасина во 2024 година, привремената влада одлучила да го смени системот за набавка на вакцини, што довело до дополнителни одложувања.

Страв од дополнително ширење на заразата

Бангладеш во април започна итна кампања за вакцинација со поддршка од меѓународни хуманитарни организации. Сепак, експертите предупредуваат дека постои ризик од дополнително ширење на вирусот за време на празникот Еид, кога милиони луѓе патуваат низ земјата.

И покрај предупредувањата, министерот за здравство изјави дека засега нема потреба од прогласување вонредна состојба. Во меѓувреме, таткото на Акира вели дека сè уште секојдневно оди на гробот на својата ќерка.

„Имам премногу прашања во себе“, рече тој.

е-Трн да боцка во твојот инбокс