Вечер на барокна музика со македонските уметници Владимир Костов и Цветанка Созовска

Виолинистот Владимир Костов и чембалистката Цветанка Созовска вечерва ќе настапат во црквата „Света Софија“ во рамки на 66. „Охридско лето“.

Еминентните македонски уметници, виолинистот Владимир Костов и чембалистката Цветанка Созовска, вечерва ќе одржат концерт со барокна музика во рамки на 66. издание на фестивалот „Охридско лето“.

Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“, со почеток во 21 часот.

Цветанка Созовска – чембалистка со европска кариера

Цветанка Созовска е родена во 1975 година во Скопје. Пијано почнала да учи на седумгодишна возраст, а основното и средното музичко образование ги завршила во класата на проф. Кармен Костова во МБУЦ „Илија Николовски-Луј“.

Во 1996 година дипломирала во класата на проф. Борис Романов на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Со просек 10.0 била прогласена за најдобар дипломиран студент на својата генерација на ФМУ – Скопје и на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Созовска се усовршувала на Кралскиот конзерваториум во Хаг, Холандија, каде специјализирала чембало и барокна музика на одделот за стара музика. Во класата на холандскиот чембалист и фортепијанист Жак Ох ги заокружила додипломските и постдипломските студии по чембало и во 2002 година се стекнала со титулата магистер по музика.

Настапи низ Европа и Јужна Кореја

Како солист, камерен и оркестарски музичар, Созовска настапувала на бројни концерти низ Европа и во Јужна Кореја.

Во сезоната 2002/2003 била член на Барокниот оркестар на Европската Унија, каде работела со врвни музичари како Фабио Бјонди и Рајнхард Гебел.

Како корепетитор, во 2004 година била дел од тимот на Летниот фестивал „Каза де Матеуш“ во Португалија, а со барокниот ансамбл „Барок опера Амстердам“ остварила турнеја низ Франција. Во 2009 година била професор по чембало и басо континуо на Летната музичка школа во Бургос, Шпанија.

Созовска е чембалистка на Оркестарот од Кадакеш во Шпанија, на проект под диригентската палка на сер Невил Маринер. Под водство на Франс Брухен, била корепетитор и заменик-диригент во продукцијата на операта „Les Indes Galantes“ од Жан-Филип Рамо во Полска и Холандија.

Повеќе од 20 години живее и работи во Хаг, каде е корепетитор на чембало на одделот за историска изведба при Конзерваториумот во Утрехт. Во истиот град е професор по чембало во Утрешкиот центар за уметности, а повеќе од 15 години предава пијано во музичкиот оддел при Интернационалното училиште во Хаг.

Владимир Костов – виолинист, концерт-мајстор и професор

Владимир Костов дипломирал и магистрирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Михајло Куфујонакис.

Стручно се усовршувал кај повеќе истакнати педагози, меѓу кои Сихана Бадивуку, Благоја Димчевски, Корнелија Бронзети, Ирина Бочкова и Наталија Пришепенко.

Посетувал и мајсторски курсеви за камерна музика предводени од светски познати ансамбли, меѓу кои „Медичи“ квартет од Шведска, „Артемис“ квартет од Германија и квартетот „Миро“ од САД.

По пат на аудиција, повеќепати бил избран да членува во Светскиот оркестар на Музичката младина, со кој настапувал на турнеи во Европа, Америка и Азија, соработувајќи со истакнати диригенти и солисти во познати концертни сали.

Посветен на камерната музика

Камерната музика има посебно место во неговата кариера. Костов бил водач на повеќе камерни оркестри и ансамбли, меѓу кои Камерниот оркестар за современа музика „Алеа“, Камерното студио за барокна музика „Бахус“ и квартетот „Бревис“.

Основач е на клавирското трио „ВАМ“, редовен член на Камерниот оркестар на Македонската филхармонија, Младинскиот оркестар на Музичка младина на Македонија и Ансамблот за современа музика „Кон Темпора“.

Настапувал како солист со Македонската филхармонија, камерниот оркестар, камерниот оркестар „Профундис“, како и на фестивали и манифестации во Македонија, Украина, Германија, Австрија, Велика Британија, Србија, Бугарија, Хрватска, Полска и САД.

Костов е член и концерт-мајстор на меѓународниот оркестар „No Borders“, со кој на концертната турнеја во 2021 година настапил и како солист.

Тој е основач на Фестивалот за млади виолинисти „Виолин Фест“ и добитник на наградата „Георги Божиков“. Работи како концерт-мајстор во Македонската филхармонија и како професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

е-Трн да боцка во твојот инбокс