Научници открија која маст е најопасна за мозокот

Ново истражување покажува дека висцералната маст е поврзана со оштетување на белата маса во мозокот и со зголемен ризик од деменција.

Ново истражување покажува дека местото каде што се наталожуваат маснотиите во телото може да има поголемо влијание врз здравјето на мозокот отколку самата телесна тежина.

Ново научно истражување открива дека не е пресудно само колку телесни масти има човек, туку и каде тие се акумулираат. Научниците предупредуваат дека луѓе со иста телесна тежина и ист индекс на телесна маса (BMI) може да имаат значително различен ризик од когнитивен пад и деменција.

Студијата, објавена во списанието Nature Mental Health, ја предводеле истражувачи од Политехничкиот универзитет во Хонг Конг. Тие анализирале податоци од повеќе од 18.000 учесници од базата UK Biobank, споредувајќи ја распределбата на телесните масти со снимки од мозокот и резултати од когнитивни тестови.

Резултатите покажале дека висцералната маст – која се наталожува околу внатрешните органи – е единствениот тип масно ткиво директно поврзан со оштетување на белата маса во мозокот. Белата маса е клучна за преносот на сигнали меѓу нервните клетки, а нејзиното оштетување е поврзано со поголем ризик од деменција и заболувања на малите крвни садови во мозокот.

Според научниците, можна причина е хроничното воспаление што го предизвикува висцералната маст. Таа ослободува воспалителни супстанции кои можат да предизвикаат воспалителни процеси и во мозокот, што постепено влијае врз неговата структура и функција.

Истражувачите нагласуваат дека станува збор за опсервациска студија, па не може со сигурност да се докаже причинско-последична врска. Сепак, тие истакнуваат дека намалувањето на висцералната маст преку здрави животни навики може да биде важен чекор во зачувувањето на здравјето на мозокот и превенцијата на невродегенеративни заболувања.

е-Трн да боцка во твојот инбокс