(Видео)Хаос во Париз по триумфот на ПСЖ: Над 400 уапсени, повредени полицајци во жестоки судири

Француското Министерство за внатрешни работи соопшти дека до раните утрински часови биле приведени 416 лица, од кои 280 во Париз
epa13005836 PSG fans react in Parc des Princes stadium in Paris, France, 30 May 2026. Paris Saint-Germain played Arsenal in the UEFA Champions League final in Hungary on 30 May.  EPA/VALENTINA CAMU

Судири меѓу изгредници и полицијата избувнаа низ Франција по победата на Парис Сент Џермен во финалето на Лигата на шампионите против Aрсенал при што се уапсени повеќе од 400 лица.

Илјадници полицајци беа распоредени во Париз за да спречат нарушување на јавниот ред, но прославата на навивачите прерасна во насилство. Немирите предизвикаа прекини во автобускиот, железничкиот и градскиот превоз, а во повеќе делови од француската престолнина беа користени пиротехнички средства, факели и огномети.

Полицијата употреби солзавец во центарот на градот за да ги растера насобраните групи. Според официјалните информации, во судирите биле повредени седум полицајци.

Снимките од Париз покажуваат запалени електрични велосипеди на улиците, фрлање пиротехника и оштетување на најмалку една продавница. Голем број навивачи се собраа на познатата авенија Елисејски полиња веднаш по завршувањето на натпреварот. Нереди биле регистрирани и околу стадионот Паркот на Принцовите, каде илјадници навивачи го следеле финалето на големи видеоекрани.

Француското Министерство за внатрешни работи соопшти дека до раните утрински часови биле приведени 416 лица, од кои 280 во Париз. Во инцидентите биле оштетени шест возила, два деловни објекти и една автобуска постојка.

Министерот за внатрешни работи ги осуди случувањата, оценувајќи ги како „апсолутно неприфатливи“.

Лидерката на француската десница Марин Ле Пен на социјалните мрежи порача дека „само во Франција победа на фудбалски клуб може да предизвика вакви немири“ и додаде дека многу граѓани се чувствуваат принудени да останат во своите домови за да избегнат насилство. И покрај инцидентите, за денеска е најавена голема шампионска парада на фудбалерите на ПСЖ во близина на Ајфеловата кула, како и прием организиран од францускиот претседател Емануел Макрон.

Ова е втора година по ред прославите поврзани со европските успеси на ПСЖ да бидат проследени со насилство. По минатогодишниот триумф, во нередите загинаа две лица, меѓу кои и 17-годишно момче.

е-Трн да боцка во твојот инбокс