Вештачката интелигенција сѐ повеќе излегува од рамката на обична алатка и се позиционира како потенцијален рамноправен соработник во научните истражувања. Наместо да служи само за пишување текстови, анализа на податоци или програмирање, новата визија е да стане активен учесник во истражувачкиот процес.
Оваа насока јасно ја најавува OpenAI, која според изјави на својот главен научник Јакуб Пахоцки за MIT Technology Review, работи на развој на „AI истражувач“, автономен систем што би можел самостојно да презема сложени задачи.
До неодамна, вештачката интелигенција се гледаше како брз и корисен асистент, способен да помогне со сумирање, кодирање или анализа. Но, таа исто така има и слабости, понекогаш дава неточни информации со голема самодоверба, што ја ограничува нејзината улога во сериозни научни процеси.
Новата генерација системи оди чекор понатаму. Наместо да одговара само на прашања, целта е AI да може сам да го разложи проблемот, да избере методологија, да ги анализира резултатите и да се коригира во текот на работата, процес кој инаку бара денови или недели човечки труд.
Првиот чекор кон оваа визија е развојот на автономен „истражувачки приправник“ систем што би функционирал како дигитален стажант: не целосно независен, но способен да заврши значаен дел од задачите без постојан надзор.
Долгорочно, амбицијата е уште поголема создавање на повеќеагентски системи што ќе можат да работат на различни области како математика, физика, биологија и хемија, па дури и на економски или политички проблеми, доколку тие се формулирани на соодветен начин.
Овој развој отвора три клучни прашања. Прво е технолошкото дали системите навистина можат да достигнат стабилна и доверлива автономија. Второ е научното како ќе се промени улогата на истражувачите ако дел од процесот се автоматизира. И трето е политичко и безбедносно кој ќе има контрола врз ваквите моќни системи и како ќе се користат.
Јасно е дека не станува збор само за подобрување на постоечките алатки, туку за суштинска промена: од технологија што ја користиме, кон „соработник“ на кој му доверуваме дел од интелектуалната работа.