Вештачката интелигенција ги прави измамите речиси совршени: Како да препознаете дека некој се обидува да ве измами?

Фотографии, гласовни пораки и видеоснимки создадени со вештачка интелигенција можат да изгледаат целосно автентично, а сајбернападите стануваат побрзи, поевтини и поубедливи. Експертите предупредуваат дека најслабата алка често не е технологијата, туку човечката невнимателност.

Вештачката интелигенција ги менува алатките со кои се изведуваат сајбернападите, но нивната главна цел останува иста – луѓето. Нападите стануваат побрзи, поевтини и поубедливи, а препознавањето измами сè повеќе зависи од способноста критички да ги проценуваме пораките и информациите што ги добиваме на интернет.

Ова е една од главните пораки на конференцијата „Секјур9“ (Secure9) и на Месецот на сајбер-безбедноста, кој се одбележува во октомври. Експертите предупредуваат дека современите измами можат да изгледаат толку професионално и веродостојно што дури и искусните корисници не секогаш можат лесно да ги препознаат.

Сајбернападите имаат и реални последици

Нападот врз системите за ладење во стотици француски супермаркети покажа дека последиците од сајбернападите не остануваат ограничени на дигиталниот простор. Инцидентот предизвикал фрлање големи количества храна и штета што се проценува на милиони евра.

За нападот не била потребна особено софистицирана технологија, туку застарен софтвер што не бил навреме ажуриран. Случајот е потсетник дека сајбер-безбедноста не е само задача на ИТ-експертите, туку дел од секојдневната дигитална писменост на секој што користи интернет.

Сè поголем дел од нападите се потпираат на манипулација со корисниците – да отворат сомнителен линк, да споделат лични податоци или да направат нешто што може да ја загрози нивната безбедност.

„Брзо сфаќате дека најслабата алка често не е кодот, туку заборавеното ажурирање или пораката на која некој кликнал без да размисли. Заштитата не започнува со технологијата, туку со свесноста. Кога луѓето разбираат како функционираат нападите, многу полесно препознаваат дека нешто не е во ред“, изјави Љубица Милитаров, софтверска инженерка во компанијата „Леви9“ и членка на победничкиот тим на натпреварот по етичко хакирање.

Кога фотографијата и гласот веќе не се доказ

Една од најголемите опасности е тоа што вештачката интелигенција денес може да создава фотографии, гласовни пораки и видеоснимки што изгледаат целосно автентично. На конференцијата било истакнато дека дури и искусни професионалци не можат секогаш со сигурност да разликуваат вистинска фотографија од слика генерирана со вештачка интелигенција.

Истите алатки што им помагаат на компаниите да ја зголемат продуктивноста можат да им овозможат на измамниците да подготвуваат убедливи пораки и лажни содржини со помалку време и средства. Така, измамата може да изгледа како официјално известување од институција, порака од познато лице или легитимно барање од компанија.

Затоа, визуелниот изглед и уверливиот тон веќе не се доволна причина да ѝ веруваме на некоја содржина. Важно е да провериме кој ја испраќа, дали барањето е очекувано и дали информацијата може да се потврди преку независен канал.

Како да препознаете сомнителна порака?

Неколку предупредувачки знаци заслужуваат посебно внимание:

  • Порака што создава чувство на итност. Ако некој бара веднаш да платите, да потврдите сметка или да испратите податоци, застанете и проверете дали барањето е вистинско.
  • Барање лични или финансиски податоци. Не споделувајте лозинки, ПИН-кодови или други чувствителни информации само затоа што пораката изгледа официјално.
  • Линкови и прилози што не ги очекувате. Пред да отворите линк, проверете ја адресата и потврдете го идентитетот на испраќачот.
  • Неочекуван повик или гласовна порака од познато лице. Ако некој бара пари или доверливи информации, јавете се на познатиот телефонски број или контактирајте го лицето преку друг канал.
  • Необични барања што изгледаат сосема професионално. Добрата граматика, логото на компанијата и уверливиот тон не гарантираат дека пораката е легитимна.

Еден од наједноставните начини за проверка е да не одговарате директно на сомнителната порака, туку да контактирате со испраќачот преку независен канал. Ако пораката наводно доаѓа од банка, институција или компанија, проверете преку нејзината официјална веб-страница или телефонски број.

Ажурирајте ги уредите и сменете ги фабричките лозинки

Покрај внимателноста при отворање пораки и линкови, важна е и редовната техничка заштита. Уредите поврзани на интернет треба редовно да се ажурираат, бидејќи старите верзии на софтверот може да содржат безбедносни пропусти што напаѓачите ги искористуваат.

Исто така, треба да се сменат фабричките лозинки на рутерите, камерите и другите паметни уреди. Користењето уникатни, силни лозинки и вклучувањето двофакторска автентикација, каде што е достапна, додаваат дополнителни слоеви на заштита.

На конференцијата „Секјур9“, на натпреварот „Кепчр д флег“ („Capture The Flag“), посветен на етичкото хакирање, првите две места ги освоиле тимови од Белград. Учесниците ги решавале зададените предизвици од перспектива на напаѓачите, што им овозможило практично да ги разберат слабостите што можат да бидат искористени.


Критичкото размислување не може да го спречи секој сајбернапад, но станува сè поважна одбрана во свет во кој содржините можат да бидат генерирани и манипулирани со вештачка интелигенција. Понекогаш, најважниот чекор за заштита е едноставно да застанеме, да не реагираме импулсивно и да провериме дали она што го гледаме навистина е тоа што изгледа дека е.

е-Трн да боцка во твојот инбокс