Светот добива третина помалку нафта преку Ормускиот Теснец: Цената останува над 105 долари

Протокот на нафта низ Ормускиот Теснец е намален за околу 32 проценти во однос на референтното ниво, додека нападите во регионот и неизвесноста околу снабдувањето ги одржуваат високите светски цени.

Светскиот пазар на нафта останува под силен притисок поради нарушениот транспорт низ Ормускиот Теснец, една од најважните поморски рути за глобалното снабдување со енергенси. Новите податоци покажуваат дека низ теснецот минува речиси третина помалку нафта од вообичаеното.

Според компанијата за следење на бродскиот сообраќај Kpler, во седумдневниот период до 13 октомври низ Ормускиот Теснец дневно поминувале просечно 11,62 милиони барели нафта.

Референтното ниво изнесува 17,15 милиони барели дневно, што значи дека протокот е намален за околу 32 проценти.

Во утринското тргување на 16 октомври, нафтата од типот „брент“ се продаваше за 105,21 долари за барел, додека американската WTI изнесуваше 97,20 долари.

Иако цените благо се намалија во однос на претходната сесија, пазарот и натаму е под влијание на стравувањата од нови прекини во снабдувањето.

Во последните десетина дена се засилија нападите во близина на Ормускиот Теснец, додека тензиите меѓу Иран и Соединетите Американски Држави продолжуваат да влијаат врз поморскиот транспорт.

Аналитичарите предупредуваат дека без поширок политички договор, враќањето на нормалниот проток на нафта би можело да биде бавно и нерамномерно.

Меѓународната агенција за енергија во четвртокот се согласи на пазарот да пласира повеќе од 20 милиони барели дизел, како и преостанати количества нафта од претходно договореното ослободување на стратешките резерви.

Но овие мерки засега не ја отстрануваат неизвесноста околу снабдувањето.

За земји како Македонија, кои зависат од увоз на нафтени деривати, продолженото поскапување на светските пазари создава дополнителен притисок врз домашните цени на горивата, транспортот и другите производи.


Сепак, светската берзанска цена не се пренесува автоматски и веднаш врз домашните малопродажни цени, кои зависат и од набавните услови, курсот на доларот, даноците и одлуките на регулаторот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс