Велијај од затвор му порача на Рама „Не се покорувам и не прифаќам уцени“

Градоначалникот на Тирана тврди дека преку министерот за правда добил пораки од премиерот за протестите, раководењето со градот и изборот на неговиот адвокат.

рион Велијај објави белешки од затворот во Фиер во кои изнесува обвинувања за притисоци од албанскиот премиер Еди Рама. Според Алмакос, белешките се однесуваат на средба со министерот за правда Тони Гогу, кој, како што тврди Велијај, му пренел барања и пораки од премиерот.

„Пратете ме и во Спач ако сакате, не се покорувам и не прифаќам уцени“, напишал Велијај.

Градоначалникот негира дека ги организирал или финансирал студентските протести и протестите на движењето „Фламинго“. Ваквите обвинувања ги нарекува измислици и порачува дека со нив не може да биде заплашен. Во белешките нагласува дека не би поттикнувал уништување на Тирана, наведувајќи дека лично бил вклучен во уредувањето на градот и дека го погодуваат причинетите штети.

Велијај тврди и дека неговото префрлање од затворот во Драч во Фиер било по наредба на Рама. Според него, оддалечувањето од семејството претставува дополнителен притисок.

Одбива да го делегира раководењето со Тирана

Дел од објавените белешки се однесува на наводно барање раководењето со Општина Тирана да му биде делегирано на Арбер Хајдари. Велијај ја отфрла таа можност, повикувајќи се на изборниот мандат и на одлуката на Уставниот суд.

Тој го критикува управувањето со општината во негово отсуство и тврди дека по неговото враќање на функцијата биле одблокирани проекти за шест училишта и одобрени повеќе од 1.500 поволни кредити.

Не се откажува од својот адвокат

Велијај наведува дека од него било побарано и да се откаже од адвокатот Пларент Ндреца. Го брани неговиот ангажман и пишува дека Ндреца бил меѓу ретките луѓе што останале покрај него додека другите се повлекле.

Објавените белешки го продлабочуваат јавниот судир меѓу Велијај и Рама. Во текстот на Алмакос не е наведена реакција од премиерот или од министерот за правда на овие тврдења.


Извор: Алмакос

е-Трн да боцка во твојот инбокс