Кучињата што со години чекаат дом добиваат нова шанса преку кампањата на Лајка

ЈП Лајка започнува кампања посветена на кучињата кои најдолго престојуваат во прифатилиштето и сè уште немаат свое семејство. Целта е јавноста подобро да ги запознае нивните приказни и да се поттикне вдомување на социјализирани и подготвени миленици.

ЈП Лајка започнува нова кампања за вдомување на кучињата кои со години престојуваат во прифатилиштето и чекаат можност да добијат свој дом и семејство.

Во рамките на кампањата е реализирана фотосесија на кучињата кои најдолго се под грижа на прифатилиштето, со цел тие да добијат поголема видливост и јавноста да се запознае со нивните карактери, навики и животни приказни.

Во следниот период Лајка ќе објавува фотографии и приказни за секое од кучињата, со информации за тоа колку долго чекаат вдомување, каков темперамент имаат, што сакаат и какви искуства стекнале додека биле во прифатилиштето.

Од јавното претпријатие посочуваат дека овие кучиња не се само бројки, туку живи суштества кои секојдневно чекаат некој да им даде можност за нов почеток. И покрај долгото време поминато во прифатилиштето, тие остануваат здрави, социјализирани и подготвени за живот во семејна средина.

Кучињата опфатени со кампањата со години се под грижа на ЈП Лајка, каде добиваат хумано згрижување, редовна нега и работа со вработените и волонтерите. Дел од нив учествувале во прошетки и активности преку кои покажале дека можат да бидат одлични придружници и домашни миленици.

Од Лајка ги повикуваат граѓаните да ги следат објавите, да ги споделуваат нивните приказни и да размислат за вдомување. Со едно споделување или одлука за посвојување, едно од овие кучиња може конечно да го најде својот дом по години чекање.

е-Трн да боцка во твојот инбокс