Ватикан и САД во Москва во ист ден: дали сме блиску до крај на војните?

Фото: EPA/RAMIL SITDIKOV/REUTERS

На 25 август 2026 година, во рок од неколку часа, двајца високи претставници на сосема различни институции слетаа во Москва, секој со своја мисија, но можеби со иста крајна цел. Надбискупот Пол Галагер, министер за надворешни работи на Ватикан, и директорот на ЦИА Џон Ратклиф во ист ден се најдоа во руската престолнина, во она што западните медиуми го опишуваат како еден од најзначајните дипломатски денови од почетокот на војната во Украина.

Прва посета на Ватикан по почетокот на инвазијата

Галагер пристигна во Москва на 24 август за четиридневна посета, а на 25 август се сретна со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, соопшти Секретаријатот на Светата столица. Според извештаите на Ројтерс и ОСВ Њуз, тоа е прв лице-в-лице разговор помеѓу Москва и Ватикан откако Русија ја започна инвазијата на Украина во февруари 2022 година.

На заедничката прес-конференција по средбата, Галагер изјави дека секој ден додека трае четиригодишната војна „создава нови жртви и го отежнува идното примирје”.

„Затоа е итно и неопходно да се стави крај на конфликтот и да се погледне понатаму”, рече тој, стоејќи до Лавров. Двајцата се договориле за соработка на хуманитарни прашања, вклучувајќи грижа за деца погодени од војната.

Посетата е дел од подолга дипломатска низа на Светата столица. Само неколку недели порано, во јули, Галагер беше во Украина пет дена како пратеник на папата Лав XIV, каде се сретна со претседателот Зеленски. Според Евроњуз, Ватикан промовира хуманитарни чекори, меѓу кои размена на затвореници и репатријација на украински деца, истовремено истражувајќи можности за мировни преговори.

Програмата во Москва вклучувала и средба со митрополитот Антониј Волоколамски, претставник на Руската православна црква, како и со Јуриј Ушаков, советник на Путин за надворешна политика. Со Путин лично, Галагер не се сретнал.

Директорот на ЦИА ненајавено леташе за Москва

Неколку часа подоцна истиот ден, авионот Boeing C-17 Globemaster III на Воздухопловните сили на САД слета на московскиот аеродром Внуково. Флајтрадар24 го евидентирал летот, кој тргнал од базата Џојнт Ендрјус во Мериленд, со меѓуслетување во Рига, Летонија. CBS Њуз прв објави дека во авионот бил директорот на ЦИА Џон Ратклиф, а подоцна тоа го потврдија Аксиос, CNN и Вол Стрит Џорнал, повикувајќи се на американски официјални лица запознаени со патувањето.

Ниту Вашингтон, ниту Москва официјално не ја потврдија посетата. Кремљ дури изјави дека нема информации за слетување на американски воен авион. ЦИА одби да коментира.

Тоа е прво познато посетување на Русија од страна на директор на ЦИА откако Вилијам Бернс патуваше во Москва во ноември 2021 година, само неколку месеци пред инвазијата на Украина, за да го предупреди Кремљ дека САД се свесни за плановите. Според CNN, Ратклиф патувал до Москва откако САД побарале од Украина да ги запре дроновите и ракетните удари по Москва и другите северни руски градови за периодот од 24 до 26 август. Украина добила информација дека висок американски функционер ќе патува во Русија.

Предметот на разговорите останува непознат. Американски официјални лица потврдиле само дека посетата се случила, но одбиле да ги откријат темите или со кого точно се сретнал Ратклиф.

Тема на разговор: Украина, но и Иран

Она што ја прави оваа посета уште позначајна е тоа што се случува само еден ден откако американскиот министер за финансии Скот Бесент ја претстави „Операција Економски аутсајдер”, стратегија за изолирање на Иран преку казнување на земји и ентитети кои продолжуваат да тргуваат со Техеран. Русија е стратешки трговски партнер на Иран, а посетите на Ватикан и директорот на ЦИА во ист ден, е нешто што не може да биде игнорирано.

Според анализата на РФЕ/РЛ, постојат барем три можни теми на разговорот на Ратклиф: притискање на Путин за преговори за крај на војната, предупредување против поддршката за Иран и прашањата за американски притвореници во Русија. Ратклиф лично ги преговараше неколкуте размени на затвореници, вклучувајќи го ослободувањето на американско-руската двојна државјанка Ксенија Карелина во април 2025 година, а ЦИА беше вмешана и во размената на Еван Гершкович и Пол Вилан во 2024.

Според Лавив Хералд, директорот на ЦИА може да добие поискрени одговори од руското раководство отколку обичен дипломат, токму затоа што каналот е доверлив и надвор од јавноста.

Временското совпаѓање на двете посети тешко може да се смета за случајно. Ватикан одамна ја гради улогата на неутрален хуманитарен посредник, а папата Лав XIV повторно повика на мир на 9 август. Според Јуроњуз, Москва подготвува и нова покана за кардиналот Матео Марија Зупи, кој веќе двапати ја посети руската престолнина, во 2023 и 2024 година, што значи дека ватиканскиот канал е активно негуван и од руска страна.

Ратклиф, пак, не е прв висок функционер на администрацијата на Трамп кој патувал во Москва. Советниците Стив Витков и Џаред Кушнер се среќаваа со Путин во јануари, а државниот секретар Марко Рубио на 1 август соопшти за обнова на напорите за истражување на можноста за мировни преговори. Истите тие пратеници требаше да ја посетат Украина на Денот на независноста, но таа посета не се случи.

Сликата која се добива е дипломатска кампања на неколку фронта истовремено, со Ватикан кој го одржува хуманитарниот и духовниот канал, и Вашингтон кој преку разузнавачки канал тестира дали Москва е сериозна за преговори, или само го одолговлекува процесот. Разликата е во тоа дека Ватикан го прави тоа отворено, а Вашингтон тајно.

Мировните преговори засега остануваат во застој. Русија и Украина се уште далеку на сите клучни прашања: територија, безбедносни гаранции, членство во НАТО и услови за примирје. Но фактот дека двајца толку различни актери, папскиот дипломат и шефот на американската разузнавачка служба, беа во Москва во ист ден, зборува дека нешто се тестира, или нешто е во игра, дури и ако јавноста сè уште не знае точно што.

е-Трн да боцка во твојот инбокс