Северна Македонија има речиси идентичен процент на секојдневни корисници на интернет како Европската Унија, но бележи најниски нивоа на основни дигитални вештини во регионот. Најновите податоци на Евростат покажуваат дека само 7,4 отсто од граѓаните на возраст од 16 до 74 години користеле софтвер за табеларни пресметки, наспроти европскиот просек од 40,3 отсто, што отвора сериозен јаз меѓу пасивното прелистување содржини и употребата на технологијата на пазарот на труд.
Податоците на Евростат откриваат дека 89,2 отсто од македонските граѓани секојдневно користат интернет, што е речиси на исто ниво со просекот на ЕУ од 89,5 отсто.
Сепак, разликата настанува кај практичната примена. Покрај ниската употреба на табели, само 13,7 отсто од граѓаните во земјата креирале електронски презентации, додека европскиот просек изнесува 40,3 отсто. Кај пишувањето програмски код или програмирањето, уделот во Македонија изнесува 4,2 отсто, во споредба со 7,2 отсто во Унијата.
Споредбата со земјите од процесот на проширување ја става земјата на самото дно според овие три параметри.
Во делот на табеларните пресметки, Црна Гора води со 39,6 отсто, по што следуваат Србија со 29,9 отсто, Босна и Херцеговина со 23,6 отсто и Албанија со 18,6 отсто. Кај изработката на презентации, Црна Гора повторно бележи највисок резултат од 41,4 отсто, Србија има 36 отсто, Албанија 27,3 отсто, а Босна и Херцеговина 23,7 отсто.
Европската Унија постави цел до 2030 година најмалку 80 отсто од населението да поседува основни дигитални вештини, додека актуелниот просек на ниво на ЕУ изнесува 60 отсто. Индикаторите за дигитална писменост вклучуваат информатичка писменост, комуникација, креирање дигитална содржина, безбедност и решавање проблеми.
Европската комисија во своите анализи посочува дека дигитализацијата на македонската економија напредува со бавно темпо, а малите и средните претпријатија нерамномерно ги прифаќаат дигиталните процеси. Истовремено, земјата донесе Стратегија за образование на возрасни 2025–2030, која предвидува доживотно учење и стекнување микроквалификации, но статистиката на терен засега потврдува голема разлика меѓу инфраструктурната поврзаност и реалната дигитална продуктивност.