Филмот „Земјиште“ премиерно на отворено пред публиката во Прилеп и Битола

Експерименталното остварување создадено преку интергенерациски истражувачки процес носи приказна за семејното наследство и рушењето на заедништвото

Партиципативниот филм „Земјиште“ на здружението „Атриум“ вечерва премиерно ќе биде прикажан пред публиката на Камената бина во Прилеп од 20 часот, додека утревечер во истиот термин проекцијата ќе се одржи на платото пред Офицерскиот дом во Битола. Двете проекции на отворено се реализираат во соработка со Europe House Битола, а по завршувањето на филмот ќе следува отворен кинофорум и директен разговор со авторскиот колектив.

Ова експериментално остварување претставува завршница на повеќемесечен уметничко-истражувачки процес во кој учествуваше интергенерациски колектив од Битола и поширокиот пелагониски регион. Преку серија работилници, театарски и психодрамски техники, учесниците работеа со камера и развиваа заедничко авторство, директно вградувајќи ги сопствените лични приказни и перспективи во развојот на филмската нарација.

Дејството на „Земјиште“ се фокусира врз наследено и исцрпено парче земја, преку кое се пренесува тивката меморија на пет жени кои со години повторуваат испразнет семеен ритуал на копање и собирање. Востановената рутина и кревкото заедништво целосно се нарушуваат во моментот кога една од нив одлучува да го продаде сопствениот дел од имотот во обид да се ослободи од минатото.

Режијата, монтажата, анимацијата и дизајнот на плакатот се дело на Ивана Мирчевска, сценариото го потпишува Калија Киселичка, а директор на фотографија е Исток Чаповски. Во филмот играат актерките Јасна Весиќ, Татјана Јовановска, Христина Србиноска, Софија Кутлешовска и Ана Тамбура, со продукциска поддршка од Дино Чупевски, Марко Рикалоски за звук и Александар Томевски за нарација.

Филмското остварување е реализирано во рамки на проектите „Предочени различности“, поддржан од програмата „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија преку Хартефакт Фонд, како и проектот „Интергенерациски визуелни траектории“ со поддршка од Министерството за култура и туризам. Снимањето на филмот се одвиваше со директна помош на локалната заедница од селото Трново и семејството Кутлешовски.

е-Трн да боцка во твојот инбокс