Силно невреме со пороен дожд и крупен град ја погоди Тарагона и околните туристички места во Шпанија, предизвикувајќи поплави, материјална штета и голем број интервенции на итните служби.
Снимките објавени на социјалните мрежи покажуваат улици претворени во реки. На една од снимките се гледа човек кој водата го носи заедно со превртен мопед, додека друг човек се обидува да му помогне од тротоарот.
Во центарот на Тарагона дел од покривот на трговски центар се урнал, додека силниот град предизвикал дополнителна штета. Според шпанските медиуми, голем број птици угинале поради ударите од градот.
Итните служби примиле повеќе од 1.000 повици поради поплавени подруми, паднати дрвја и оштетени возила. Во делови од погоденото подрачје имало и прекини во снабдувањето со електрична енергија.
Единаесет повредени, една девојка во критична состојба
Во местото Рода де Бера биле повредени 11 лица. Најтешко е повредена 18-годишна девојка, која се бори за живот откако врз неа и уште две лица се урнал дел од крајбрежен ѕид.
Во Тарагона уште три лица биле пренесени во болница.
„Мини-цунами“ ги поплави плажите
Невремето предизвика проблеми и на Балеарските Острови, каде што бил забележан феномен познат како рисага – нагло и значително осцилирање на нивото на морето предизвикано од атмосферски промени. Феноменот често се опишува како своевидно метеоролошко „цунами“.
Во Сан Антонио на Ибица наглото зголемување на нивото на морето ја поплавило плажата С’Аренал. Водата однела дел од опремата подготвена за вечерниот концерт, кој поради невремето бил откажан.
Слични сцени биле забележани и во пристаништата на Мајорка и Менорка, каде што брановите се прелеваа преку шеталиштата и терасите.
Поради опасните временски услови во тој дел од Шпанија, но и на југот на Франција, била откажана и третата етапа од велосипедската трка „Вуелта а Еспања“.