„Мојот син“ ја освои главната награда на „Камера 300“: Филм за музичарот Филип Стевановски, загинат во пожарот во Кочани

На 34. издание на Интернационалниот фестивал на аматерски документарен филм во Битола беа пријавени 92 филма, од кои 28 влегоа во официјалната селекција. Награди добија автори од Македонија и од неколку други земји.

Документарниот филм „Мојот син“ на македонскиот автор Маријан Стевановски ја освои главната награда Гран при, односно плакетата „Милтон Манаки“, на 34. Интернационален фестивал на аматерски документарен филм „Камера 300“, кој изминатиот викенд се одржа во Битола. Филмот носи лична и потресна приказна за неговиот син Филип Стевановски, музичар, продуцент, пијанист и тромбонист, чиј живот трагично заврши во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

На овогодишниот фестивал биле пријавени 92 документарни филма, од кои 28 влегле во официјалната селекција. Жирито доделило награди на 12 филма, кои публиката имала можност да ги проследи во текот на двата фестивалски дена во Малата сала.

Фестивал со традиција и сеќавање на браќата Манаки

Фестивалот продолжува да ја негува традицијата на документарно филмско бележење на секојдневието и вистинските човечки приказни, следејќи ја филмската и фотографската традиција на браќата Манаки.

На отворањето, во име на организаторот, Кино-клубот „Студио Милтон Манаки“, се обрати претседателот Стефан Хаџиантоновски. Тој потсети на неколку значајни годишнини поврзани со кинематографската историја на Битола: 120 години од освојувањето на златниот медал за фотографија од Милтон Манаки во Романија, 80 години од формирањето на Народна техника во 1946 година и 70 години од снимањето на првиот документарен филм во Битола, во 1956 година.

Од името на покровителот на фестивалот, Општина Битола, се обрати градоначалникот Тони Коњановски. Тој ја истакна улогата на „Камера 300“ во културниот живот на градот и значењето на документарниот филм како начин за раскажување вистински човечки приказни.

„Уникатноста на овој фестивал е пренесувањето на големото платно на обичните приказни, реалните настани, погледот на секојдневието“, истакна Коњановски.

Награди за автори од Македонија и од странство

Покрај главната награда, „Златната камера 300“ му беше доделена на Горјан Атанасов од Македонија за филмот „Современиот Манаки“. „Сребрената камера 300“ ја освои Валентин Иванов од Бугарија за „Гагарин и Варна“, додека „Бронзената камера 300“ ѝ припадна на Надица Петковиќ од Македонија за филмот „Кумство, вера и духовна визија“.

Сребрениот медал на УНИКА го добија Никола Трајковски и Андреј Митревски од Македонија за филмот „Срце што пакува куфери“.

Плакетата на Општина Битола за најдобра камера ја освои Ајсу Салиевски од Македонија за филмот „Назад во времето“. Признанието за режија „Драги Савевски“ им беше доделено на Апостол Фанев, Красимир Георгиев и Нико Мајеров од Бугарија за филмот „За верата“.

Наградата за монтажа му припадна на Иван Ваххи од Узбекистан за филмот „Шеховиот пат. На почетокот“, додека плакетата за идеја „Стево Сидовски – Сидо“ ја освои Џејмс Калмерс од Велика Британија за филмот „Како Битлси го добија името“. Признанието за репортажа му беше доделено на Џим Кастриоти Реџепи од Македонија за филмот „Преспа“.

Жирито додели и специјални признанија. Плакетата на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола (УКЛО КОЛОРС), за трајни вредности, му припадна на Сергеј Шутју од Русија за филмот „Дилема на северот“. Специјални плакети добија и „Студио КЛИН“ при Професионалната гимназија по економија од Шумен, Бугарија, како и Евелина Швидченко од Молдавија за филмот „Кирнев од Тракија“.

За наградените филмови одлучуваше стручно жири во состав: Благојче Божиновски, претседател, м-р Гоце Господиновски, д-р Антон Антонов, Аликвиадис Восд и Димитар Спасевски.


Со 34 изданија зад себе, „Камера 300“ продолжува да отвора простор за авторски документарни приказни од секојдневието, личните сеќавања и настаните што оставаат трага во заедницата. Овогодишната главна награда ја донесе токму приказната за една лична загуба, претворена во филмско сведоштво.

е-Трн да боцка во твојот инбокс