САД го нападнаа иранскиот остров Кешм пред изборите: Трамп вели дека „нема брзање“ за ескалација

Американски функционери ги опишале нападите како ограничени и ги поврзале со пукање на Иранската револуционерна гарда кон американски авион. Во меѓувреме, Трамп е под притисок на сопствената партија да стави крај на војната на Блискиот Исток.

САД извршиле напади врз иранскиот остров Кешм, во Ормускиот Теснец, соопштиле американски функционери за Си-би-ес, партнерската телевизија на Би-би-си во САД. Иранската државна новинска агенција ИРНА претходно, на 2 ноември, известила за неколку експлозии на островот.

Според американските функционери, нападите биле ограничени и претставувале одговор на пукањето на припадници на Иранската револуционерна гарда кон американски авион. Би-би-си побарал коментар од Централната команда на американската војска (СЕНТКОМ), која е надлежна за воените операции на Блискиот Исток.

Нападите се случиле во пресрет на изборите на средината на претседателскиот мандат во САД, на кои ќе се одлучува кој ќе има контрола врз Конгресот. Во исто време, претседателот Доналд Трамп се соочува со пад на поддршката меѓу гласачите и со притисок од Републиканската партија да ја заврши војната на Блискиот Исток, започната во февруари со американско-израелските напади врз Иран.

Трамп тврди дека Иран е финансиски ослабен

На 2 ноември Трамп им изјавил на новинарите дека не брза со засилување на нападите врз Иран. Во разговор со новинската агенција Аксиос рекол дека САД „на овој или оној начин“ ќе преземат нешто, но дека нема потреба од брзање.

„Финансиски ги осакативме“, изјавил Трамп, додавајќи дека Иран нема пари, нема гориво и дека населението е уморно од војната.

Во интервју за Фокс њуз, дадено во пресрет на изборите, американскиот претседател рекол и дека САД можеби ќе мора да нападнат локација поврзана со иранската нуклеарна програма. Според него, тоа „не е голема работа“ и би можело да се изведе за еден час.

Последниве денови се зголемија шпекулациите дека САД би можеле да продолжат со поголеми воени операции во Иран по изборите. На прашањето дали тоа ќе се случи, Трамп одговорил негативно.

Техеран тврди дека преговара преку посредници

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи претходно изјавил за ИРНА дека преку посредници се водат „многу интензивни“ разговори со САД со цел да се стави крај на војната.

Тој рекол дека Техеран е подготвен и за дипломатски и за воени сценарија, повеќе од кога било досега. Одлуката, според него, е во рацете на САД – да изберат меѓу „мудриот пат“ на преговорите и „грешката на воената агресија“.

Во јуни САД и Иран потпишале меморандум за разбирање со 14 точки, со кој бил утврден рок од 60 дена за постигнување договор за Ормускиот Теснец, пред почетокот на суштинските преговори за нуклеарното прашање. Рокот истекол, а преговорите не довеле до договор.

САД и Израел тврдат дека Иран развива нуклеарно оружје, што Техеран постојано го негира. По пропаѓањето на преговорите, Вашингтон вовел нови санкции, за кои Трамп верува дека би можеле да доведат до пад на иранскиот режим.

Иранската економија со децении е под санкции, речиси од основањето на Исламската Република во 1979 година. Дополнително, војната и повеќенеделната американска блокада на иранските пристаништа предизвикале нови економски последици.

Променливи пораки од Белата куќа

Од почетокот на американско-израелската војна против Иран, но и претходно, Трамп повеќепати ги менувал јавните пораки – од закани за нови напади до изјави дека нема потреба од ескалација.

По 12-дневната војна меѓу Израел и Иран минатата година, во која се вклучиле и САД, Трамп тврдеше дека американските бомби ги уништиле иранските нуклеарни постројки и дека на земјата ќе ѝ биде потребно долго време за да се опорави. Сепак, тврдењето дека Иран е близу до создавање нуклеарна бомба подоцна беше наведувано како едно од образложенијата за почетокот на војната против Техеран на 28 февруари.

Во јули Трамп ги нарече иранските лидери „олош“, „луди“ и „болни луѓе“, изјави што ги даде на самитот на НАТО во Турција. Подоцна беше објавено и дека по враќањето од самитот, од безбедносни причини, наводно поради ирански закани, се криел во контејнер за достава на храна и го сменил авионот.


Најновите напади врз островот Кешм се случуваат во период кога американската администрација истовремено испраќа пораки за можни воени дејства и за отсуство на желба за поширока ескалација.

е-Трн да боцка во твојот инбокс