Нивото на арсен во нормала, водата во Валандово повторно е за пиење

Вонредната анализа на Институтот за јавно здравје покажа дека нивото на арсен е вратено во дозволените граници.

Граѓаните на Валандово од 24 јули повторно можат да ја користат водата од градскиот водовод за пиење. Агенцијата за храна и ветеринарство ја укина привремената забрана по новата вонредна анализа која покажа 1,47 микрограми арсен на литар, далеку под дозволената граница од 10 микрограми.

Градоначалникот на Валандово, Ѓоко Камчев, ја соопшти веста за укинувањето на забраната. Тој рече дека не може целосно да ги објасни различните резултати помеѓу двете анализи. Камчев претпоставува дека повисоката концентрација на арсен можеби се појавила поради зголемено пумпање на водата, што довело до придвижување на наталожени елементи во системот. Во наредниот период ќе се спроведат дополнителни вонредни анализи за континуирано следење на квалитетот на водата.

Привремената препорака водата да се користи само како техничка беше на сила од 22 јули. Забраната беше воведена по анализата која покажа присуство на арсен од 14 микрограми на литар. Камчев ги повика граѓаните да се информираат од официјалните анализи, а не од непроверени извори на социјалните мрежи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс