Најмалку 22 загинати во директен судир на камион и автобус во Кенија: Патниците се враќале од погреб

Тешката сообраќајна несреќа се случила на магистралата што ги поврзува Најроби и Момбаса. Неколку лица се повредени, а властите предупредуваат дека бројот на жртвите може да се зголеми.

Најмалку 22 лица загинаа во судир на автобус и камион на магистралата што ја поврзува кениската престолнина Најроби со крајбрежниот град Момбаса, соопшти полицијата. Неколку лица се повредени, а властите предупредуваат дека бројот на загинатите може дополнително да порасне.

Несреќата се случила во неделата наутро, околу 7 часот по локално време, во областа Канга, во близина на местото Мтито Андеи, во округот Макуени. Според локалните медиуми, автобусот и камионот се судриле директно.

Патниците во автобусот се враќале од погреб кога се случила несреќата. Повредените биле пренесени во болница. Комесарот на округот Макуени, Абдулахи Калиф, предупредил дека бројот на жртвите би можел да се зголеми. Според локалниот медиум Туко, првично биле пријавени 20 загинати, но бројот пораснал на 22 откако уште две повредени лица им подлегнале на повредите.

Засега не е утврдена причината за судирот.

На истата делница пред три недели загинаа 17 лица

Трагедијата се случува само три недели по друга тешка сообраќајна несреќа на истата магистрала, во која загинале 17 лица. Несреќата се случила на 3 октомври во областа Салама, а во неа учествувале повеќе возила, меѓу кои камион и комбе со католички аџии.

Кениската Национална управа за транспорт и безбедност ја означила делницата на која се случила најновата несреќа како „црна точка“ место каде што често се случуваат сообраќајни несреќи. Од Управата соопштиле дека претходно биле дадени препораки за подобрување на безбедноста на патот.


Пречекорувањето на брзината и лошата состојба на патиштата и претходно биле посочувани како фактори што придонесуваат за сообраќајните несреќи во Кенија. Сепак, засега нема потврда дека некој од овие фактори бил причина и за најновиот судир.

е-Трн да боцка во твојот инбокс