Вајдел со закана кон Брисел: „Ќе направиме голем рез“ и ќе бараме Украина да ги врати парите

Лидерката на АфД, Алис Вајдел, најавува остар пресврт во германската политика кон ЕУ и Украина. Таа вели дека Германија треба да го намали финансирањето на европскиот буџет и да побара враќање на средствата дадени на Киев.

Лидерката на крајнодесничарската Алтернатива за Германија (АфД), Алис Вајдел, најави дека нејзината партија би направила сериозен пресврт во германската политика кон Европската Унија доколку дојде на власт.

Во телевизиско интервју, Вајдел порача дека Германија не треба повеќе да издвојува средства за европските политики на начинот на кој тоа го прави денес, а најави и дека нејзината партија би барала Украина да врати дел од средствата што Германија ги издвојувала за неа.

„Ги сакаме нашите пари назад“, порача Вајдел, додавајќи дека АфД би направила големо намалување на германското финансирање кон европските институции.

Германија е најголемиот нето-придонесувач во буџетот на ЕУ, што е една од клучните точки врз кои АфД ја гради критиката кон Брисел.

АфД сака радикална промена на односот кон ЕУ

Вајдел тврди дека европските средства се користат за политики со кои не се согласува нејзината партија. Како пример ги навела ограничувањата поврзани со функционирањето на пазарот, но во интервјуто не прецизирала на кои конкретни мерки мисли. Според неа, германските даночни обврзници не треба да плаќаат за спасувањето и стабилизацијата на еврото во други земји.

„Ќе направиме голем рез и тогаш ќе видите каква врева ќе се крене во Брисел и Стразбур кога ќе одбиеме да ја кофинансираме оваа криза“, изјавила Вајдел.

Нејзините ставови се дел од пошироката позиција на АфД, која бара поголем национален суверенитет и значително ограничување на улогата на европските институции.

Вајдел очекува пад на Мерц и раст на АфД

Лидерката на АфД истовремено го нападна и германскиот канцелар Фридрих Мерц, оценувајќи дека демохристијаните се соочуваат со длабока политичка криза. Според неа, падот на довербата во ЦДУ не е привремен проблем, туку показател за структурна слабост на партијата. Вајдел дури предвидува дека Мерц би можел да биде сменет од лидерската позиција во демохристијанскиот блок.

„Демохристијаните и социјалистите имаат фундаментален проблем – со години ги зафркаваат луѓето“, изјавила таа.

Нејзината проценка е дека евентуалната смена на Мерц сама по себе нема да биде доволна за промена на политичкиот тренд. АфД во последниот период бележи значителен раст и веќе стана сериозна сила во германскиот политички систем. Партијата неодамна постигна историски резултат на изборите во Саксонија-Анхалт, што дополнително ги засили дебатите за нејзините шанси во иднина да учествува во власта.

И бегалците од Украина на удар на АфД

Вајдел остро зборувала и за украинските граѓани кои живеат во Германија. Таа тврди дека повеќе од еден милион Украинци во Германија примаат социјални бенефиции и оценила дека таквиот систем финансиски не може да продолжи. Според неа, дел од украинските граѓани треба да се вратат во Украина, а особено мажите на воена возраст.

Вајдел тврди дека постои и голем број млади Украинци кои би можеле да се вратат, а истовремено бара Германија да ги прекине плаќањата поврзани со поддршката за Украина. Таа најавила и дека, доколку АфД има можност да влијае врз германската политика, би барала Киев да врати значителни суми.

Ставовите на Вајдел претставуваат значително заострување на политиката што АфД ја застапува кон ЕУ, Украина и миграцијата. Со оглед на растот на поддршката за партијата, нејзините барања веќе не се само дел од маргиналната политичка дебата во Германија, туку стануваат дел од поширокото прашање дали и под кои услови крајната десница би можела да влијае врз идната германска влада и европската политика.

е-Трн да боцка во твојот инбокс