ЕУ предлага нови два евра давачка за евтините онлајн пратки

Брисел планира дополнителен трошок за пратките под 150 евра, а сметката за контролата на е-трговијата паѓа врз странските платформи.

Европската Унија предлага воведување дополнителна фиксна давачка од два евра по ставка за увоз на пратки со вредност до 150 евра од трети земји, објави Хрватската занаетчиска комора повикувајќи се на актите на Советот на ЕУ. Новата давачка ќе се наплаќа заедно со веќе предвидената царина од три евра за малите пратки, а мерката директно ги таргетира странските онлајн платформи за е-трговија кои испраќаат милиони пакети кон европските купувачи.

Според предлогот на новата регулатива за воспоставување Царински законик и Царинско тело на ЕУ, странските дигитални пазари ќе мора директно да ги подмируваат царинските давачки. Досегашната пракса товарот да го сноси крајниот потрошувач при подигнување на пратката се укинува.

Брисел истовремено предвидува санкции за платформите што ќе одбијат да соработуваат или ќе ги избегнуваат царинските обврски. Трговците што докажано работат транспарентно и редовно доставуваат податоци ќе добијат поедноставени царински процедури без задржување на пратките.

Масовниот прилив на евтини производи од Азија создаде сериозен притисок врз европските царински служби. За да се покријат трошоците за надзор, Унијата воведува општа такса за ракување со малите пратки. Оваа давачка ќе се применува паралелно со царината од три евра за сите пакети под 150 евра.

Точниот износ на фиксната такса за ракување ќе го утврди Европската комисија пред почетокот на нејзината примена низ земјите членки. Намерата на законодавците е да се изедначат пазарните услови меѓу локалните трговци и глобалните платформи кои досега го користеа ослободувањето од царина за пратки со мала вредност.

Новиот регулаторен систем предвидува отворање централизиран ЕУ Центар за царински податоци со седиште во францускиот град Лил. Центарот ќе започне со првична работа, по што ќе стане главен дигитален филтер за сите стоки што влегуваат на европскиот пазар.

Евидентирањето во овој систем прво ќе стане задолжително за компаниите што се занимаваат со е-трговија, додека подоцна обврската ќе опфати и сите останати увозници и трговци. Со тоа Брисел планира целосно затворање на сивите зони и прецизна контрола врз секоја ставка купена преку интернет.

е-Трн да боцка во твојот инбокс