Утре почнува Светското првенство во фудбал, за многумина историско затоа што за првпат ќе се игра во три држави домаќини и ќе учествуваат рекорден број репрезентации, дури 48.
Но и за Македонија ова е своевидно „историско“ СП од причина што за првпат во историјата на независна Македонија, јавниот сервис МТВ нема да врши пренос од натпреварите.
За македонскиот пазар, ТВ правата од Мундијалот ги има обезбедено Арена спорт на српски Телеком која зрачи и во македонскиот етер.
Но она што е важно да се каже е дека преносот на Мундијалот ќе оди само на премиум каналите кои кај операторите се вклучени во дополнителните пакети, додека пак во основните Арена спорт 1, 2 и 3 нема да има преноси од САД, Канада и Мексико.
Инаку, Арена спорт од пред некој ден започна и програма на македонски јазик на три посебни канали Арена М1, М2 и М3, кои засега се емитуваат само на еден помал кабелски оператор и барем засега, на 24 часа пред почетокот на Мундијалот нема најава дали ќе има директни преноси.
Инаку, ова е прв случај МТВ да не обезбеди преноси од Светско првенство во фудбал, а втор случај кога не се пренува голем фудбалски настан, затоа што во сега веќе далечната 2008 година не обезбеди преноси од Европското фудбалско првенство.