Утре „Чинија љубов“ за кучињата од Лајка

„Чинија љубов“ е граѓанска иницијатива за готвени оброци за кучиња, а во двете досегашни акции биле нахранети повеќе од 80 кучиња

­
Утре, сабота, 26 септември, од 11:00 до 15:00 часот, во дворот на ЈП „Лајка“ ќе се одржи настанот „Чинија љубов“.

За првпат дворот ќе стане место каде што граѓаните заедно ќе подготвуваат оброци за кучињата кои сè уште го чекаат својот дом и ќе поминат време со нив.

„Чинија љубов“ е граѓанска иницијатива за готвени оброци за кучиња. Во двете досегашни акции биле нахранети повеќе од 80 кучиња.

Со настанот во Лајка, иницијативата ја отвора подготовката на оброците за пошироката заедница и создава можност граѓаните одблиску да ги запознаат кучињата.

Специјална гостинка ќе биде проф. д-р Наташа Ѓорговска, научен советник при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Институт за сточарство и рибарство и авторка на книга посветена на деликатеси и готвени јадења за кучиња и мачки. Книгата ќе биде достапна на настанот, а собраните средства ќе бидат донирани за потребите на Лајка.

Посетителите ќе можат да добијат и информации за фостер програмата на Лајка. Граѓаните кои сакаат да учествуваат во готвењето треба да се пријават и да купат намирници според информациите во формата за пријавување.

е-Трн да боцка во твојот инбокс