Уште 220 лица со симптоми на труење за едно деноноќие во Гостивар

Во гостиварската болница во последните 24 часа биле прегледани уште 220 граѓани со повраќање, дијареја и покачена температура. Резултатите од анализите на водата се очекуваат утре.

Во последното деноноќие во Општата болница во Гостивар се јавиле 220 лица со симптоми на труење, изјави за весникот „Вечер“ директорот на болницата, Емри Бајрами. „Пациентите имаат симптоми на повраќање и дијареја, дел и со покачена температура. Сите се третирани во дневната болница со инфузиона терапија и засега нема хоспитализирани случаи“, изјави Бајрами.

Со новите 220 пациенти, вкупниот број лица кои побарале лекарска помош поради стомачни тегоби надмина 1.400, откако во изминатите денови беа регистрирани повеќе од 1.200 случаи. Директорот на болницата посочи дека установата засега располага со доволно медицински кадар, но дека утре ќе разговара со Министерството за здравство за евентуална дополнителна поддршка доколку бројот на пациенти продолжи да расте.

Во меѓувреме, од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) најавија дека резултатите од анализите на водата од градскиот водовод во Гостивар ќе бидат готови утре. До тогаш останува препораката водата да не се користи за пиење, готвење или каква било друга употреба. Резултатите од анализите ќе бидат доставени и до Основното јавно обвинителство, кое потоа ќе одлучи за натамошниот тек на постапката.

По наредба на јавен обвинител, локацијата кај Вруток и понатаму е обезбедена, додека истрагата продолжува. Во петокот, Агенцијата за храна и ветеринарство донесе одлука за забрана на употребата на водата за пиење од градскиот водовод.

е-Трн да боцка во твојот инбокс