Кога интернетот ќе почне да „сецка“, првиот осомничен обично е операторот. Но проблемот не секогаш е во пакетот, рутерот или мрежата надвор од домот. Во многу случаи, Wi-Fi сигналот го гушат уредите и предметите што секојдневно ги користиме, особено ако се поставени преблиску до рутерот.
Најголем дел од проблемите се јавуваат кај 2.4 GHz Wi-Fi мрежите, бидејќи истиот или сличен фреквентен опсег го користат и други домашни уреди. Резултатот е послаб сигнал, нестабилна врска, помал домет и нервозно чекање видеото конечно да се вчита.
Микробрановата е еден од најголемите непријатели на Wi-Fi
Еден од најчестите извори на пречки е микробрановата печка. Таа работи на фреквенција од околу 2.45 GHz, речиси истата што ја користат многу Wi-Fi рутери. Кога микробрановата е вклучена, може да дојде до преклопување на сигналите, што предизвикува моментално успорување или прекин на интернетот.
Затоа рутерот не треба да стои во кујна или веднаш до микробранова печка. Ако имате можност, поврзувањето на уредите на 5 GHz мрежа може да помогне, бидејќи таа е помалку чувствителна на ваков тип пречки.
Bluetooth слушалки, звучници, гејминг контролери и паметни асистенти исто така можат да создадат „гужва“ во мрежата. И тие најчесто работат на 2.4 GHz опсегот. Еден уред нема секогаш да направи проблем, но ако во исто време се активни повеќе Bluetooth уреди, сигналот може да стане нестабилен.
Паметен дом, поспор интернет
Паметните светилки, безбедносните камери, паметните прекинувачи и другите smart home уреди постојано комуницираат со рутерот. Кога ги има премногу, тие можат да ја преоптоварат мрежата и да го успорат интернетот за телефоните, лаптопите и телевизорите.
Особено проблематични се безбедносните камери што постојано испраќаат видео на cloud. Тие трошат голем дел од интернет-протокот, особено upload брзината, и дополнително го оптоваруваат рутерот.
Пречки не прават само уредите. Металните предмети, како фрижидери, метални полици, печки или големи ормари, можат да го блокираат или одбијат Wi-Fi сигналот. Слично влијаат и огледалата, бидејќи на задната страна имаат метален слој што може да ги рефлектира сигналите.
Дури и аквариумите можат да бидат проблем. Водата добро ги апсорбира радио брановите, па големи аквариуми, резервоари за вода или саксии со многу влажна земја можат да го ослабат сигналот, особено ако се наоѓаат меѓу рутерот и уредот што го користите.
Рутерот не треба да живее на под, во агол или зад телевизор
Старите безжични телефони и baby monitor уредите, особено оние со видео, исто така можат да создадат пречки. LED украси, новогодишни сијалички, па дури и густи домашни растенија, во одредени услови можат да влијаат врз квалитетот на сигналот.
Добрата вест е дека често не треба нов рутер или поскап интернет пакет. Понекогаш е доволно рутерот да се помести само неколку метри.
Најдобро е да стои на отворено, централно место во домот, подигнат од подот и подалеку од кујната, микробрановата, големи метални предмети, огледала и аквариуми. Ако имате поголем дом или многу поврзани уреди, mesh систем или дополнителен access point може значително да ја подобри покриеноста.
Проблемот со Wi-Fi не е секогаш брзината што ја плаќате, туку патот што сигналот мора да го помине низ вашиот дом. А понекогаш најголемиот непријател на интернетот не е операторот, туку микробрановата што работи во соседната соба.