Униформа за сите, еднаквост за никого

Еднаквоста не се гради со прикривање и изедначување на разликите, туку со учење како тие да се прифатат и почитуваат. Вистинската промена не започнува од она што го носиме на телото, туку од домот и од вредностите што ги носиме во себе.

Најавата дека скопските средношколци наскоро ќе мора да носат бесплатни училишни униформи, за да се спречи врсничкото насилство и социјалните разлики на хартија звучи заштитнички и речиси благородно. Кој не би сакал училиште во кое знаењето и трудот се во преден план, наместо модата и скапата облека?

Но, кога ќе ги тргнам настрана политичките пораки, не можам, а да не се запрашам: дали навистина веруваме дека со едно исто парче ткаенина ќе создадеме еднаквост или само ставаме евтина прекривка врз многу подлабоки општествени проблеми?

Искрено, одбивам да верувам во заблудата дека врсничкото насилство и дискриминацијата започнуваат од облеката. Насилството меѓу младите никогаш не било, ниту ќе биде прашање на тоа чија маица е поскапа или колку чинат нечии патики. Облеката може да биде само повод, но никогаш не е вистинската
причина за отфрлање.

Верувам дека однесувањето, културата и сочувството не доаѓаат со облеката. Тие се стекнуваат дома. Не постои материјал или училишна униформа што може да го замени она што родителот пропуштил да ни го постави како темел. Дискриминацијата и исмејувањето не произлегуваат од начинот на
облекување, туку од начинот на размислување и од вредностите и воспитувањето што ги имаме и усвојуваме уште пред да го премиме училишниот праг.

Затоа и голем дел од одговорноста за тоа каков човек ќе израсне едно дете лежи во семејството. Ниту една задолжителна униформа нема да го научи ученикот на трпеливост, сочувство и почит кон оние што се различни од него, доколку тие вредности не се усвоени од дома. Насилството нема едноставно да
исчезне само затоа што сите ќе изгледаат исто за време на часовите. Тоа само ќе пронајде нови, уште поскриени начини да излезе на површина штом ќе заѕвони ѕвончето за одмор.

Според мене, средношколските години се период на интензивно себеоткривање. Тоа е време во кое младите го бараат својот глас, го оформуваат сопствениот идентитет и се обидуваат да се изразат. За еден тинејџер, начинот на облекување може да биде простор за творештво и изразување на индивидуалноста. Со наметнување на ист изглед, ние свесно го потиснуваме правото на личен избор. Неразбирливо ми е како, од една страна, бараме да воспитаме генерации кои ќе размислуваат критички и самостојно, а од друга страна ги вкалапуваме во исти униформи уште на самиот училишен влез.

Приоритетите во образованието ни се целосно погрешно поставени. Наместо да трошиме пари да создаваме привидна, надворешна слика за некаква еднаквост, можеби екрајно време да се решат вистинските проблеми. Во училиштата ни е потребнна современа настава, подобри услови за учење,
поквалитетна практична работа, вистинска безбедност и постојана, посветена работа на психолозите и педагозите со учениците.
Еднаквоста не се гради со прикривање и изедначување на разликите, туку со учење како тие да се прифатат и почитуваат. Униформите можеби ќе ги прикријат социјалните разлики додека трае часот, но суровата реалност повторно ќе ги дочека учениците веднаш штом ќе излезат во училишниот двор.

Вистинската промена не започнува од она што го носиме на телото, туку од домот и од вредностите што ги носиме во себе.

Пишува Леа Георгиев

е-Трн да боцка во твојот инбокс