Данска воведе засилени мерки против користењето вештачка интелигенција за препишување

Министерството за образование во Данска воведува задолжителна усна одбрана на домашните писмени задачи и следење на компјутерските екрани за зачувување на самостојното размислување кај учениците.

Данските средношколци новата учебна година ја започнуваат под значително построги правила кога станува збор за употребата на вештачка интелигенција. Данскиот министер за образование, Магнус Хојнике, објави пакет итни мерки наменети за справување со сè почестото препишување преку дигитални алатки за време на тестирањата и изработката на задачите.

Меѓу новите протоколи, клучно место зазема обврската сите писмени задачи што се изработуваат дома да добијат и усна одбрана пред наставниците. Оваа мерка директно ќе опфати илјадници ученици кои годишно полагаат големи завршни писмени проекти, со цел да се потврди дека зад напишаниот текст стои нивното вистинско знаење и логика.

Покрај усната одбрана, училиштата добиваат обврска за користење специјални софтверски алатки за следење на екраните за време на писмените испити, како и поставување заштитни мрежни филтри. Истовремено, образовните власти апелираат задачите сè почесто да се изработуваат директно во училниците под контролирани услови, каде наставниците можат полесно да го следат процесот на учење.

Данска веќе подолго време бара соодветен баланс помеѓу неминовната дигитализација и зачувувањето на академиските вештини кај младите генерации. Додека минатите години беа спроведувани експериментални проекти за дозволена употреба на AI на одредени тестирања, новиот пристап става јасен фокус на заштита на самостојното размислување и критичките способности кај учениците.

Овој чекор рефлектира поширок европски тренд, каде сè повеќе земји воведуваат регулативи за користењето на генеративната вештачка интелигенција во училниците. Податоците од европските истражувања покажуваат дека мнозинството граѓани ја препознаваат потребата од внимателна проценка на придобивките и ризиците што оваа технологија ги носи во образовниот систем.

е-Трн да боцка во твојот инбокс