По шест години, Унгарија го укинува вонредното владеење на Орбан

epa12886204 Chairman of the opposition Tisza Party Peter Magyar (C) addresses supporters after his party won landslide victory in the general elections in Budapest, Hungary, 12 April 2026. Behind him Vice Chairpersons Maark Radnai (L) and Agnes Forsthoffer applaud. EPA/Robert Hegedus HUNGARY OUT

Новиот унгарски премиер Петер Маѓар го укина вонредното владеење што го воведе неговиот претходник Виктор Орбан, прво за време на пандемијата, а потоа и поради војната во Украина. Со ова, Будимпешта формално го завршува периодот во кој владата со години можеше да управува преку уредби.

„По четири години завршува вонредната состојба воведена поради воената закана, а со неа се збогуваме и со владеењето преку уредби воведено пред шест години. Се враќаме во нормала“, објави Маѓар.

Вонредната рамка во Унгарија првпат беше воведена во 2020 година како одговор на пандемијата на коронавирусот, а во 2022 година беше продолжена по почетокот на руската инвазија врз Украина. Оттогаш, властите во Будимпешта редовно ја продолжуваа, што предизвикуваше критики дека се концентрира премногу моќ во рацете на извршната власт.

Одлуката на Маѓар доаѓа само неколку дена откако тој положи заклетва како премиер, со што заврши 16-годишната ера на Виктор Орбан на власт. Маѓар, лидер на партијата Тиса, најави демократска обнова, институционални реформи и враќање на довербата во државните институции.

Укинувањето на вонредната состојба се чита како еден од првите симболични потези на новата влада за дистанцирање од моделот на управување на Орбан. Тоа се случува во момент кога Будимпешта најавува и промена во односите со Европската Унија и со Украина, по години во кои Унгарија често беше критикувана поради блискоста со Москва и блокирањето европски одлуки.

Според унгарските и европските медиуми, владата претходно усвоила закон со кој дел од вонредните уредби се префрлаат во редовното законодавство, за да не се создаде правен вакуум по укинувањето на вонредната состојба.

Со овој потег, Маѓар испраќа порака дека новата влада сака да ја нормализира политичката и институционалната состојба во земјата. Прашањето сега е колку брзо Унгарија ќе може да направи суштински реформи по години на вонредни механизми, политичка поларизација и силна концентрација на власта.

е-Трн да боцка во твојот инбокс