Глобалните температури шест дена по ред надминаа 2 степени над прединдустрискиот просек

Научниците од Коперникус предупредуваат дека комбинацијата од фосилни горива и силен Ел Нињо носи рекорди за кои градовите не се подготвени.

Просечната дневна температура на површината на Земјата шест дена по ред беше за повеќе од 2 Целзиусови степени повисока од прединдустриското ниво, достигнувајќи рекордни 2,24 степени. Податоците на европската служба Коперникус и британскиот Метеоролошки завод покажуваат забрзување на глобалното затоплување поттикнато од согорувањето фосилни горива и засилувањето на климатскиот феномен Ел Нињо, што директно ги загрозува човековото здравје, екосистемите и постојната инфраструктура.

Досега во историјата на мерењата беа забележани само два кратки периоди кога дневните глобални температури ја преминаа границата од 2 степени – во ноември 2023 и во февруари 2024 година. Сегашниот бран трае подолго и достигнува повисоки вредности, со што целосно е надминат претходниот рекорд од 2,05 степени над просекот за периодот од 1850 до 1900 година.

„Ова е вонредна глобална температурна аномалија. Веќе со месеци бележиме рекордни глобални температури. Иако вредностите се менуваат од ден на ден, температурите на ова ниво јасно покажуваат колку се загреала нашата клима“, изјави Саманта Бурџес, раководителка на стратешкиот оддел за клима во Службата за климатски промени Коперникус.

Иако овој шестдневен низ е премногу краток за да се смета за официјално прекршување на прагот од Парискиот климатски договор од 2015 година, истражувачите го оценуваат како директен показател за условите што следат доколку не се намалат емисиите. Зик Хаусфатер, климатски истражувач од институтот Беркли Ерт, посочи дека секој нов ден носи нов температурен рекорд.

Наглиот скок на температурите е резултат на долгорочното затоплување предизвикано од фосилните горива во комбинација со невообичаено силен Ел Нињо. Бурџес наведува дека последен пат Ел Нињо со вакви размери бил регистриран во 1870-тите години, кога предизвикал масовен глад со 50 милиони жртви. Сегашниот феномен се очекува да го достигне својот максимум до јануари, но неговото целосно влијание врз глобалната клима ќе се почувствува неколку месеци подоцна.

Вишокот топлина веќе предизвикува суши и шумски пожари во тропските дождовни шуми во Индонезија и Амазонија, со што се намалува способноста на овие екосистеми да апсорбираат јаглерод од атмосферата. Британскиот Метеоролошки завод (Met Office) предвидува дека концентрацијата на јаглерод диоксид (CO2) од оваа до следната година ќе порасне за околу 3,5 делови на милион (ppm). Тоа претставува за една третина побрз раст во споредба со изминатите години и речиси двојно побрзо темпо од она што е потребно за ограничување на затоплувањето на 1,5 степени.

„Директните последици од сушите на места како Амазонија можат да бидат тешки. Тие доведуваат до шумски пожари, чие загадување со чад сериозно влијае врз здравјето на луѓето и истовремено ги уништува екосистемите. Пошироко гледано, можат да се појават ризици за снабдувањето со храна и вода“, рече Ричард Бетс, раководител на истражувањата за климатски влијанија во центарот Хедли при британскиот Метеоролошки завод.

По неуспехот на климатските преговори на самитот КОП31 во Анталија овој месец, генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш предупреди дека глобалното затоплување се забрзува. Последиците веќе се мерат во човечки загуби, па така рекордните летни горештини оваа година предизвикаа смрт на повеќе од 50.000 луѓе во Европската Унија и 5.000 во Обединетото Кралство.

Саманта Бурџес нагласува дека владите се соочени со двојна задача: да го подготват општеството за повисоки температури и истовремено да го забрзаат намалувањето на стакленичките гасови.


„Нашата инфраструктура не е проектирана за климата што ја имаме денес. Веќе се соочуваме со последиците, што го видовме и ова лето: патиштата се топеа, шините се виткаа, училиштата се затвораа, а болниците беа преоптоварени. Тоа е само почеток, бидејќи следуваат уште потопли периоди“, рече Бурџес.

е-Трн да боцка во твојот инбокс