Нов Кривичен законик по 30 години: Институциите најавуваат построги казни, граѓанскиот сектор нотира недоречености

На јавната расправа организирана од Министерството за правда се соочија институционалните најави за усогласување со ЕУ и критиките за стеснет опфат кај јавните набавки.

По седум години подготовка, започна јавната расправа за Нацрт-кривичниот законик организирана од Министерството за правда. Институциите најавуваат затворски казни до 15 години за најтешките облици на корупција, но граѓанските организации предупредуваат на краток рок за анализа и стеснет опфат за санкционирање злоупотреби. Текстот е веќе објавен на ЕНЕР и испратен на мислење до Европската комисија, а според Реформската агенда треба да се усвои до крајот на 2026 година.

Министерот за правда Јетон Шасивари на почетокот на јавната расправа истакна дека државата првпат по три децении добива целосно нов Кривичен законик. Според него, текстот носи нов пристап кон уредувањето на кривично-правната материја и е усогласен со директивите на Европската Унија и меѓународните стандарди.

Новиот текст ги ревидира одредбите од досегашниот член 353 за злоупотреба на службената положба и овластување, додека злоупотребите при јавните набавки добиваат посебен кривичноправен третман. За најтешките облици на овие дела се предвидуваат затворски казни до 15 години.

Академикот Владо Камбовски, кој учествува во подготовката на законското решение, појасни дека се дефинира посебно кривично дело за злоупотреба при јавни набавки, концесии и јавно-приватни партнерства. Дополнително, се допрецизира поимот службено лице за јасно да се разграничат злоупотребите што ги прават вработените на пониски позиции од оние на раководни функции.

Во делот на финансискиот криминал, работната група предвидува промени во системот за одземање нелегално стекната корист. Академикот Камбовски оцени дека постојниот Закон за граѓанска конфискација, донесен пред 2023 година, во пракса се покажал како бескорисен.

Новото решение го отвора прашањето за сомнителен имот со непознато потекло, кога постојат основи на сомневање дека тој е стекнат во рамки на криминална активност на организирана криминална група. На овој начин се заокружува системот на конфискација кој досега беше оптоварен со недообмислени законски одредби.

Иако граѓанскиот сектор препознава напредок преку делумното враќање на законските решенија што важеа пред измените во 2023 година, организациите изнесоа сериозни забелешки за транспарентноста на процесот и содржината на одредбите. Тие посочија дека законикот се подготвувал од 2019 година без јавноста да знае која верзија е актуелна, за на крајот да се остават само неколку недели за анализа на целиот текст.

Програмската директорка на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), Сабина Факиќ, предупреди дека предложениот модел го стеснува просторот за гонење на корупцијата во споредба со стариот член од пред 2023 година. Таа потсети дека токму врз основа на тој поранешен член бил обвинет поранешен премиер, а биле донесени и правосилни пресуди против министри и високи функционери за злоупотреби при набавки.

„Не е јасно зошто тој концепт е напуштен. Со предложеното решение во новиот Кривичен законик се ограничува опфатот на злоупотребите при јавните набавки што можат да се санкционираат“, изјави Факиќ.

Според предупредувањата од граѓанските здруженија, новото решение опфаќа само четири конкретни дејствија кај јавните набавки, што остава дел од можните злоупотреби надвор од кривичниот прогон. Овој ризик е особено висок бидејќи преку јавните набавки годишно се трошат повеќе од 1,5 милијарда евра, што претставува околу една четвртина од државниот буџет. Дополнително, организациите предупредуваат дека со новите одредби постои ризик полициски службеници и вработени во државните институции да не одговараат кривично за несовесно работење.


Изработката на новиот Кривичен законик започна во 2019 година со учество на универзитетски професори, експерти по казнено право и претставници на судството и обвинителството. Работните верзии се достапни на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР).

е-Трн да боцка во твојот инбокс