ВИДЕО: Патник се обидел да отвори врата од авион за време на лет на Американ ерлајнс

Авионот на линијата од Сан Диего за Чикаго принудно слетал во Феникс, а Федералното истражно биро (ФБИ) и воздухопловните власти отворија истрага.

Летот 1494 на американската авиокомпанија „Американ ерлајнс“ (American Airlines), кој сообраќал од Сан Диего кон Чикаго, принудно слетал на меѓународниот аеродром „Феникс Скај Харбор“ откако патник се обидел да ја отвори излезната врата за време на летот. Инцидентот се случил во близина на границата меѓу сојузните држави Аризона и Калифорнија, а кабината била ставена под контрола откако другите патници и екипажот заеднички го совладале мажот, со што е спречена поголема опасност во воздухот.

Според информациите од Полициската управа на Феникс, патникот го напуштил своето седиште и се упатил кон предниот дел на леталото. Таму упорно одбивал да ги послуша упатствата на кабинскиот персонал да се врати на своето место, по што се обидел да ја отвори излезната врата.

Снимките од инцидентот го прикажуваат мажот во физички судир со членовите на екипажот. Еден од патниците, Шон Бенет, изјави дека луѓето во кабината веднаш притрчале на помош.

„Беше неверојатно колку брзо сите реагираа за да го совладаат тој човек, а стјуардесите и стјуардите останаа исклучително прибрани и смирени“, рече Бенет, потврдувајќи дека авионот безбедно слетал и дека никој друг не е повреден.

Сојузната управа за цивилно воздухопловство на САД (ФАА) потврди дека летот 1494 слетал во среда околу 1 часот по полноќ по локално време поради пријава за нарушување на редот во кабината и најави сопствена истрага. За инцидентот е известен и ФБИ, чии агенти ќе ги прегледаат полициските извештаи.

Мажот што го предизвикал инцидентот се здобил со полесни повреди и бил пренесен во болница на лекарски преглед. По преземањето на патникот од страна на полицијата, авионот го продолжил патувањето кон Чикаго со задоцнување.


„По пристигнувањето полицијата го пречека авионот и помогна при симнувањето на тој патник, по што летот продолжи кон крајната дестинација. Безбедноста на нашите корисници и членовите на тимот е наш главен приоритет. Им благодариме на нашите вработени за професионалноста, а на патниците за помошта и разбирањето“, соопштија од „Американ ерлајнс“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс