Се менува дипломатијата на Унгарија по падот на Орбан

Новата власт во Будимпешта најавува крај на дипломатската изолација, деблокирање на европските средства и попредвидлива соработка со ЕУ и НАТО.
epa12886199 Backdropped by the Parliament building, Chairman of the opposition Tisza Party Peter Magyar (R) waves a national flag as he celebrates with supporters after his party won landslide victory in the general elections in Budapest, Hungary, 12 April 2026. EPA/Robert Hegedus HUNGARY OUT

Новата унгарска власт најавува дипломатски пресврт по крајот на 16-годишното владеење на Виктор Орбан. Анита Орбан, фаворитка за нова министерка за надворешни работи, пред парламентарната Комисија за европски прашања порача дека првата задача на унгарската дипломатија ќе биде да ја врати довербата кон Будимпешта во Европската Унија и НАТО.

Таа оцени дека Унгарија во изминатите години премногу често се однесувала како проблем, а не како партнер во европското одлучување, користејќи го правото на вето како политичка алатка. Според неа, цената на таквата политика била дипломатска изолација, губење влијание и замрзнати европски средства.

Една од главните цели на новата влада ќе биде деблокирање на парите од ЕУ. Анита Орбан порача дека тоа нема да значи откажување од унгарските интереси, туку исполнување на обврските поврзани со владеење на правото, независно судство, транспарентни јавни набавки, борба против корупцијата и проверливо користење на јавните и европските средства.

Во однос на војната во Украина, таа порача дека Унгарија ќе биде „на страната на мирот“ и дека нема да дозволи да биде вовлечена во конфликтот преку испраќање војници или оружје. Сепак, за разлика од периодот на Виктор Орбан, новата линија најавува попредвидлива соработка со сојузниците и користење на ветото само кога, како што рече, навистина се засегнати унгарските интереси.

Анита Орбан нагласи и дека приближувањето на Украина кон Европа мора да оди со јасни услови, меѓу кои и почитување на правата на унгарската заедница во Закарпатија. Но, според неа, ова прашање не смее да биде политичка фарса, туку резултат на сериозни билатерални разговори и доследен европски пристап.

Промената доаѓа по убедливата победа на партијата Тиса на Петер Маѓар, со која беше завршена долгата ера на Виктор Орбан. Новата влада најавува враќање на довербата во институциите, поправка на односите со Брисел и НАТО и обид Унгарија повторно да стане предвидлив партнер, но без целосно да се откаже од своите национални позиции

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни