УНЕСКО пред одлука: Охрид може да заврши на Листата светско наследство во опасност

Комитетот на УНЕСКО во Бусан ќе одлучува дали Охридскиот Регион ќе биде ставен на Листата на светско наследство во опасност.

Охридскиот Регион е пред една од најсериозните одлуки откако е впишан на Листата на светско наследство. На 48. сесија на Комитетот за светско наследство во Бусан ќе се разгледува можноста прекуграничното подрачје, кое го делат Македонија и Албанија, да биде ставено на Листата на светско наследство во опасност.

Тоа не значи дека Охрид веднаш ќе го загуби статусот на светско наследство, туку дека УНЕСКО официјално ќе утврди оти неговите природни и културни вредности се изложени на сериозна закана и дека е потребен засилен меѓународен надзор.

Комитетот заседава во Бусан од 19 до 29 јули 2026 година, а одлуката за Охридскиот Регион се очекува на 22 јули.

Предупредувањата повеќе не се само дипломатски пораки

УНЕСКО со години предупредува дека институциите во Македонија и Албанија не преземаат доволно брзи и ефикасни мерки за заштита на регионот.

Во одлуката од 2025 година Комитетот изрази „најголема загриженост“ поради континуираната деградација на својствата што ја создаваат исклучителната универзална вредност на Охридскиот Регион. Тогаш беше констатирано дека условите за негово впишување на Листата во опасност веќе се исполнети.

На Македонија и Албанија им беше побарано да подготват заеднички корективни мерки, со конкретни рокови за нивно спроведување, кои треба да бидат разгледани токму на годинашната сесија.

Децении предупредувања, малку промени на терен

Проблемите што ги посочува УНЕСКО не се нови. Во изминатите години постојано се повторуваат предупредувањата за неконтролирана урбанизација, дивоградби, несоодветно просторно планирање, загадување на езерото, отпадни води и големи инфраструктурни проекти без целосна процена на нивното влијание.

Уште во 2016 и 2017 година беше предупредено дека дел од планираните инфраструктурни проекти можат сериозно да ја загрозат универзалната вредност на регионот. Во 2019 година УНЕСКО оцени дека преземените мерки не се доволни за значително да се намали неговата ранливост.

Во 2025 година Комитетот повторно посочи дека урбанистичкиот развој, слабостите во просторното планирање, несоодветните интервенции, еутрофикацијата на езерото и големите инфраструктурни проекти предизвикуваат сериозно влошување, кое може да стане неповратно без одлучна реакција.

Дивоградби, загадување и слаба прекугранична координација

Меѓу најголемите проблеми остануваат нелегалните градби и ширењето на урбанизацијата долж крајбрежјето. УНЕСКО бара систематска процена на влијанието на дивоградбите, како и отстранување или ублажување на објектите што му нанесуваат штета на наследството.

Загрижува и бавното решавање на проблемите со отпадните води и загадувањето, особено на критичните точки кај Грашница и Радожда. Од двете држави се бара и поефикасна прекугранична координација, бидејќи Охридското Езеро и неговото наследство не можат да се заштитуваат одделно.

Што значи Листата на светско наследство во опасност?

Впишувањето на Листата во опасност не претставува автоматско бришење на Охрид од светското наследство.

Напротив, тоа е механизам преку кој се признава дека локалитетот е сериозно загрозен и дека се потребни итни корективни мерки, јасни рокови и засилен надзор од УНЕСКО и неговите советодавни тела.

Токму затоа дел од еколошките и граѓанските организации со години сметаат дека ваквата одлука може да биде последната можност институциите навистина да ги спроведат обврските што долго време остануваат само на хартија.

Одлука што ќе покаже колку му верува УНЕСКО на системот

Прашањето повеќе не е само дали Охрид ќе биде ставен на Листата во опасност, туку како Македонија и Албанија дозволија едно од највредните природни и културни подрачја во Европа да стигне до оваа точка.

Ако Комитетот ја потврди препораката, тоа нема да значи дека светот се откажал од Охрид. Ќе значи дека меѓународната заедница повеќе не верува дека регионот може да биде заштитен без строги рокови, конкретни мерки и постојан надзор.

е-Трн да боцка во твојот инбокс