Уметноста нема една боја. Таа свети во сите бои.
Токму со таа порака, во Three Garden Bar ќе се одржи настан во чест на Војкан Јовановиќ – истакнат оперски бас и долгогодишен солист на Македонската опера, чиј глас и уметничка посветеност оставија значаен белег во македонската музичка култура.
Настанот е замислен како спомен што продолжува да инспирира. Како светлина за еден живот посветен на културата, но и како потсетник дека уметноста секогаш останува простор на слобода, достоинство и отвореност.
Војкан Јовановиќ беше препознатлив по својот длабок, моќен и впечатлив глас. Тој беше активен на домашната класична и оперска сцена, со особено забележителни настапи во текот на 1990-тите години.



Во текот на својата кариера настапуваше на значајни домашни и регионални сцени, меѓу кои и фестивалот „Охридско лето“. Преку своите оперски проекти, настапи и соработки со клучни музички институции, Јовановиќ остави наследство кое останува дел од историјата на македонската опера.
Иако денес не е меѓу нас, неговиот глас продолжува да живее како сведоштво за силата на талентот, уметноста и посветеноста.
Со ова одбележување се оддава почит кон уметникот и неговиот придонес кон културата, но и кон вредностите на едно отворено, достоинствено и слободно општество.
Иницијативата е на „Терапија“, а во организацијата на програмата учествуваат Александар Ношпал, Сретен Костиќ, Драган Костадиновиќ и д-р Милена Стевановиќ.
Домаќин и просторен партнер на настанот е Three Garden Bar.