Украински дрон падна на плажа во Русија, најмалку тројца загинати

Инаку, местото каде што се урна дронот се наоѓа на дваесет километри од луксузниот комплекс кој се поврзува со рускиот претседател Путин

Најмалку три лица загинале, а 13 други се повредени, меѓу кои и деца, откако остатоци од дрон се урна во туристичкото одморалиште Архипо-Осиповка на брегот на Црното Море во Русија, соопштија руските власти.

Локацијата административно му припаѓа на Геленџик, популарно одморалиште во Краснодарскиот крај. Регионалниот гувернер Венијамин Кондратјев изјави дека украинските беспилотни летала нападнале цивилна инфраструктура и дека службите за итни случаи работат на местата каде што се пронајдени остатоци. Руските тврдења за целта на нападот не можеа независно да се потврдат.

Руските власти сè уште не потврдија дека дронот паднал директно меѓу пливачите, но наведуваат дека жртвите загинале кога паднале остатоците од беспилотното летало.

Сепак, руските медиуми објавуваат изјави од сведоци кои тврдат дека дронови биле видени во близина на плажата. Еден човек рекол дека луѓето се криеле зад карпа на брегот и биле покриени со лежалки, додека друг рекол дека видел повреден човек со крваво рамо.

Во близина се наоѓа луксузен комплекс поврзан со Путин

Инаку, местото каде што се урна дронот се наоѓа на дваесет километри од луксузниот комплекс во близина на Геленџик, кој со години се поврзува со рускиот претседател Владимир Путин.

Во Геленџик во текот на ноќта беше прогласена закана од беспилотни летала, а жителите слушнаа пукање од воздушната одбрана. Руското Министерство за одбрана тврди дека помеѓу вечерта на 2 август и утрото на 3 август, 131 украински беспилотни летала биле пресретнати или уништени над неколку руски региони, окупираниот Крим и Црното Море.

е-Трн да боцка во твојот инбокс