Украинската војска синоќа извршила напад врз рускиот град Јарослављ, при што, според руски канали на Телеграм, цел била една од најголемите нафтени рафинерии во регионот. Локални жители објавиле фотографии и видеа на социјалните мрежи на кои се гледа чад што се издига над индустриската зона, каде се наоѓа рафинеријата.
Засега нема официјални податоци за обемот на штетата, а украинската војска сè уште не се огласила за нападот. Исто така, не е потврдено кое оружје било користено, иако украинските сили најчесто користат дронови со долг дострел за вакви операции.
Честа мета на украинските напади
Нафтената рафинерија во Јарослављ, која се наоѓа околу 250 километри североисточно од Москва и околу 700 километри од границата со Украина, важи за една од најголемите во Русија и е честа цел на напади.
Последниот напад врз истиот објект се случил пред само една недела, на 28 јуни. Киев смета дека енергетските објекти се легитимни воени цели, бидејќи обезбедуваат гориво и финансии за руската воена машинерија.
Украина во последните месеци интензивира кампања на удари длабоко во руската територија, насочена кон нафтената инфраструктура, што доведува до нарушување на производството и повремено запирање на работа во големи капацитети. Според украинските проценки, ваквите напади вршат притисок врз руската економија и снабдувањето со гориво, што веќе довело до ограничувања, зголемување на цените и проблеми со дистрибуцијата.
Рускиот претседател Владимир Путин претходно призна дека во земјата постојат проблеми со снабдувањето со гориво, вклучително и редици на бензинските пумпи и недостиг на одредени видови бензин.