Украинските и белгиските тимови интензивно работат на финализирање на текстот за нов билатерален договор за дронови. Ова го соопшти украинскиот претседател Володимир Зеленски по средбата во Киев со белгискиот министер за надворешни работи Максим Прево. Договорот предвидува заедничко производство, зајакнување на воздушната одбрана и пренос на украинското бојно искуство во заштита од воздушни закани.
Украинскиот претседател истакна дека Kиев е подготвен да го сподели своето практично искуство стекнато на фронтот со сојузниците кои даваат поддршка од почетокот на инвазијата. Според Зеленски, оперативните тимови ги усогласуваат деталите и можните датуми за официјално потпишување на документот.
Спогодбата со Белгија е дел од пошироката стратегија на Киев за градење мрежа од партнерски договори за одбранбена технологија. Украина веќе има заклучено девет вакви спогодби за дронови со европски и глобални партнери, а во подготовка се уште 15 слични билатерални рамки.
Посетата на белгиската делегација во Киев се одвиваше под силни безбедносни мерки. Поради прогласена воздушна опасност во главниот град, состанокот меѓу белгискиот министер Максим Прево и вршителот на должност министер за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха, се одржа во засолништето на украинското Министерство за надворешни работи.
Сибиха потврди дека вкупната помош што Белгија ѝ ја има обезбедено на Украина од почетокот на војната надминува 4,6 милијарди евра. Само за оваа година, Брисел алоцираше повеќе од 1,1 милијарда евра воена и хуманитарна поддршка, вклучително и преку специјализираниот механизам PURL.