Поројни дождови и град од среда, денес измерени максимални 38 степени

Западните и југозападните делови попладнево веќе ги зафатија пороен дожд и грмежи, а од среда следуваат посилни бури со град.

Управата за хидрометеоролошки работи најави локално невреме со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за град од среда, откако денеска на мерната станица Зајчев Рид во Скопје живата во термометарот достигна 38,3 степени. Попладневната нестабилност веќе донесе врнежи и грмежи во западните и пелагониските делови од земјата.

Мерната мрежа на УХМР во попладневните часови регистрираше развој на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер југоисточно од Прилеп и западно од Кичево. Врнежи од слаб до умерен интензитет беа забележани и во Гостивар, како и низ повеќе локации во западниот регион.

Според официјалните мерења до 17 часот, највисока максимална температура денеска е измерена во Скопје на Зајчев Рид со 38,3 степени, додека во Скопје-Петровец беа измерени 37,9 степени. Во Велес максималната вредност достигна 37,2 степени, во Штип 36,4, а во Кавадарци 35,6 степени. Најсвежо беше на планинските мерни места, каде Попова Шапка забележа максимум од 22,1 степен.

Метеоролозите прогнозираат сончево и топло време за утре, првиот школски ден, со мала до умерена локална облачност и услови за ретка нестабилност. Максималните температури ќе останат високи, а во Скопје ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец.

Атмосферските процеси значително ќе се интензивираат во среда и четврток. Во овие два дена попладневната нестабилност на повеќе места ќе прерасне во локално невреме проследено со силен ветер, електрични празнења, интензивен пороен дожд и појава на град. Максималните дневни температури постепено ќе опаѓаат, движејќи се во интервал од 31 до 38 степени во среда, односно од 29 до 36 степени во четврток.

Веќе од петок, 4 септември, атмосферата повторно ќе се стабилизира. Времето ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност и умерен северен ветер, со максимални температури од 28 до 35 степени.

Стабилното и сончево време ќе продолжи и за време на претстојниот викенд, со пријатни дневни температури без услови за врнежи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс