УЕФА бара смена на Инфантино, но Африка му ја чува фотелјата во ФИФА

Европската куќа на фудбалот ги затегнува односите со Инфантино и ја бојкотира ФИФА, додека африканските сојузи цврсто стојат зад Швајцарецот пред изборите во 2027 година.
Фото: Kremlin.ru, CC BY 4.0, via Wikimedia Commons

УЕФА го зголемува притисокот врз претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, барајќи негова смена поради незадоволство од начинот на кој се раководи светската куќа на фудбалот. Сепак, европскиот сојуз засега ги нема потребните гласови за свикување вонредна седница, бидејќи Инфантино ужива силна поддршка од фудбалските федерации ширум Африка и Азија.

Европската фудбалска унија на чело со Александар Чеферин повтори дека ја губи довербата во Инфантино. Од УЕФА соопштија дека остануваат на ставот за бојкот на одредени иницијативи, бидејќи ФИФА не дала гаранции дека во иднина нема да ги загрози традиционалните натпреварувања со приватни инвестициски планови. За свикување вонредна седница на Советот на ФИФА се потребни 19 од вкупно 37 гласови, а Европа во моментов може да смета на 16 до 17 сојузници.

Поддршката за првиот човек на ФИФА пристигнува од Конфедерацијата на африканскиот фудбал. Функционерите од овој континент, меѓу кои и претседателот на сојузот на Гамбија, Ламин Каба Бајо, отворено најавија дека ќе го поддржат Инфантино да добие нов мандат на изборите во 2027 година. Тие истакнуваат дека ФИФА под негово раководство ги зголемила вложувањата во африканската фудбалска инфраструктура.

И покрај силната поддршка од Африка, незадоволството не е ограничено само на Европа. Претседателот на Фудбалскиот сојуз на Јордан, принцот Али бин Ал Хусеин, јавно изјави дека нема да гласа за Инфантино. Тој истакна дека доцнењето на исплатите за националните сојузи е само еден од примерите за лошо управување и лоши практики во врвот на светскиот фудбал.

е-Трн да боцка во твојот инбокс