Училиштата стануваат бојни полиња: ножеви, групни тепачки и страв меѓу учениците

Фото: СДК.МК)

Групни пресметки, напади со нож и насилство меѓу малолетници сè почесто завршуваат во полициските билтени. Наместо безбедна средина за учење, дел од училиштата во Македонија се претвораат во простор на страв, агресија и снимање насилство за социјални мрежи.

Во дворови, ходници и околу училиштата, насилството меѓу учениците повеќе не е изолиран инцидент, туку серија случаи што се повторуваат со загрижувачка динамика. Последниот пример доаѓа од скопски Аеродром, каде група малолетници нападнале свои врсници, а според пријавата бил употребен и нож. 

Во друг случај, ученик бил нападнат со нож од соученици во двор на основно училиште во Скопје, по претходно недоразбирање меѓу малолетниците. Полицијата тогаш соопшти дека презема мерки за расчистување на случајот, но ваквите вести одамна престанаа да бидат изненадување. 

Насилството не е ограничено само на машки групи. Во Дебар Маало беше регистрирана и групна тепачка меѓу малолетнички, која започнала по конфликт на училиште, а продолжила на улица. Инцидентот бил снимен и споделуван на социјалните мрежи, што дополнително го отвора прашањето за нормализација на агресијата кај младите. 

Слични случаи имало и претходно – од тепачки меѓу ученици од различни средни училишта во Скопје, до инциденти во Тетово и други градови каде ученици биле повредувани со ножеви.

Паралелно со физичкото насилство, училиштата во изминатите години се соочуваа и со серија закани, дојави за бомби и безбедносни евакуации. Безбедносни експерти предупредуваа дека децата живеат во атмосфера на несигурност и траума, а институциите често реагираат само откако ќе се случи инцидент. 

Дел од јавноста вината ја гледа во семејството, други во системот, а трети во влијанието на социјалните мрежи и културата на насилство што младите секојдневно ја консумираат. На социјалните мрежи и форуми, граѓани сведочат за случаи на агресивно однесување, закани, малтретирање и целосно отсуство на институционална реакција. 

Психолози и педагози со години предупредуваат дека училиштата не смеат да бидат оставени сами во справувањето со овој проблем. Недостигот од стручни служби, преоптоварените наставници и слабата комуникација меѓу родителите и институциите создаваат простор конфликтите брзо да ескалираат.

Прашањето повеќе не е дали има насилство во училиштата, туку дали системот навреме ќе признае дека проблемот е многу подлабок од „детска тепачка“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс