Уапсен осомничениот маж за убиството на 19-годишен доставувач на пица во Хрватска

Осомничениот беше баран од силни полициски сили, откако млад доставувач бил убиен на тераса од семејна куќа во градот Дрниш.

Хрватската полиција го уапси 50-годишниот маж осомничен за убиството на 19-годишен доставувач на пица во градот Дрниш, по интензивна потрага што траеше од саботата вечерта. Според полицијата, злосторството се случило околу 23:05 часот, на тераса од семејна куќа во Дрниш, каде што 19-годишникот бил застрелан со огнено оружје и починал од повредите.

По убиството, силни полициски сили го блокирале поширокото подрачје на Дрниш. Во потрагата биле вклучени и специјални единици и техничка опрема, а граѓаните биле предупредени да не му се приближуваат на осомничениот доколку го забележат, бидејќи се сметало дека е опасен и можно вооружен.

Директорот на хрватската полиција, Никола Милина, претходно изјави дека осомничениот го извршил делото со рачно изработено огнено оружје. Тој наведе дека станува збор за лице со криминално досие и повеќе правосилни пресуди, меѓу кои и казна затвор за претходно убиство.

Хрватските медиуми објавија дека жртвата била матурант од Дрниш, кој работел викенд-смена во локална пицерија. Според досегашните информации, тој бил нападнат додека доставувал пица на адресата на осомничениот.

Полицијата продолжува со криминалистичката истрага за утврдување на сите околности на случајот. Според официјалното соопштение на Полициската управа Шибенско-книнска, осомничениот и претходно бил познат на полицијата, а во 2023 година бил пријавен за недозволено поседување, изработка и набавка на оружје и експлозивни материи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс