Судот одлучи: BBC оди на судење по тужбата на Трамп, барањето преполовено од 10 на 5 милијарди долари

Федералниот судија го отфрли барањето за заштита на потрошувачите, но оцени дека спорната монтажа на говорот отвора сомнеж за намерно искривување на фактите.
Фото: Flickr/Tim Loudon

Американскиот федерален суд ја одби иницијативата на британскиот јавен сервис BBC за целосно отфрлање на граѓанската тужба за клевета поднесена од Доналд Трамп, со што случајот официјално доби зелено светло за судење. Иако судот отфрли едно од двете барања и ја намали побарувачката од 10 на 5 милијарди долари, претседателот на САД ја поздрави одлуката како огромна победа, додека британскиот медиум се соочува со процес поради спорно спојување на изјави во свој документарец.

Судијата на Окружниот суд на САД, Џефри Т. Кунц, во одлука на 40 страници пресече дека тужбата за клевета има правен основ да оди на расправа пред порота. Во фокусот на спорот е епизода од документарната серија „Панорама“, каде монтажерите споиле два временски оддалечени дела од говорот на Трамп од 6 јануари 2021 година, создавајќи впечаток дека тој директно ги повикува своите поддржувачи на физички напад врз Капитол во Вашингтон.

Според образложението на судот, временскиот јаз меѓу двете изјави упатува на заклучок дека уредништвото знаело или морало да знае дека креира невистинита целина. Судијата Кунц децидно наведе дека во овој случај не станува збор за рутинско кратење на материјал, туку за конструирање изјава со сосема поинакво значење од она што било кажано на собирот.

Трамп во тужбата поднесе две одделни барања, секое вредно најмалку 5 милијарди долари (околу 4,48 милијарди евра). Првото барање се однесува на директна клевета, додека второто беше поднесено според Законот за измамнички и нефер трговски практики на сојузната држава Флорида.

Судијата Кунц го отфрли второто барање со аргумент дека документарната програма претставува новинарски производ, а не комерцијален говор насочен кон пазарот. Со оваа одлука, финансискиот ризик за BBC се намали на половина, но јавниот сервис и натаму се соочува со побарување од најмалку 5 милијарди долари.

Раководството на BBC упати јавно извинување за начинот на кој бил монтиран говорот, потег што претходно доведе до оставки на генералниот директор Тим Дејви и на директорката на информативната програма Дебора Тарнес. Портпаролот на куќата соопшти дека се изненадени од одлуката на судот, но најави дека ќе ги почитуваат правните процедури и ќе продолжат да ја бранат својата позиција, тврдејќи дека програмата не предизвикала фактичка материјална или правна штета.


Самиот Трамп на својата мрежа Трут соушл ја поздрави одлуката како триумф, наведувајќи дека ќе продолжи правната битка против институциите што, според него, манипулираат со јавноста. Сепак, тој се соочува и со сопствени процедурални рокови. Судот му наложи најдоцна до 11 декември да даде исказ под заклетва, откако правниот тим на BBC се пожали дека тој свесно го избегнувал сведочењето, со предупредување дека непојавувањето може да повлече санкции или отфрлање на целиот случај.

е-Трн да боцка во твојот инбокс