Турски стендап комичар во притвор по настап за Ердоган и верата

Истанбулски суд нареди Дениз Ѓокташ да остане во притвор до судењето, откако неговиот настап на интернет предизвика пријави за навреда на претседателот и религиските вредности.

Турскиот стендап комичар Дениз Ѓокташ е испратен во притвор до судењето, откако истанбулски суд оцени дека постои основ за постапка поради наводна навреда на претседателот Реџеп Таип Ердоган и религиските вредности. Ѓокташ бил приведен на главниот аеродром во Истанбул при враќање од странство, по што бил сослушан од обвинителството. Случајот предизвика нова дебата во Турција за границите на сатирата, слободата на изразување и кривичните постапки против јавни личности.

Според турските медиуми и меѓународните агенции, истрагата била отворена по неговиот стендап настап „Мртво море“, кој бил објавен на Јутјуб и за кратко време собрал милионска публика. Во настапот, Ѓокташ се осврнува на политика, религија и општествени теми, вклучително и на претседателот Ердоган.

Комичарот ги отфрли обвинувањата. Пред обвинителството изјавил дека немал намера јавно да ги навреди религиските вредности прифатени од дел од населението, ниту да го омаловажи претседателот. Неговиот став е дека станува збор за сатира, а не за говор на омраза или навреда.

Настапот предизвикал силни реакции на социјалните мрежи, а според дел од турските медиуми, до обвинителството биле поднесени 185 формални пријави. По сослушувањето, судот наредил Ѓокташ да биде задржан во притвор до почетокот на судскиот процес.

Во спорниот настап, Ѓокташ се шегувал за светите книги на трите аврамски религии — исламот, јудаизмот и христијанството. Тој зборувал и за Куранот, а пред судот тврдел дека неговата намера не била да ја навреди религијата, туку да користи сатиричен пристап во рамки на стендап настап.

Дел од обвинението се однесува и на негови коментари за Ердоган. Според објавените извештаи, во настапот и во објави на социјалните мрежи биле користени формулации што властите ги третираат како навреда на претседателот. Во Турција, навредата на претседателот е кривично дело и може да доведе до затворска казна.

Ѓокташ е роден во Анкара, а со стендап започнал во 2019 година. Настапувал во Турција, Европа и во САД, а неговите видеа на Јутјуб имаат милиони прегледи.

Случајот доаѓа во поширок контекст на зголемен притисок врз критичарите на турските власти, вклучително и новинари, уметници, политичари и јавни личности. Организации за човекови права и дел од опозицијата во Турција со години предупредуваат дека законите за навреда на претседателот и за навреда на религиските вредности се користат за ограничување на јавната критика.

За поддржувачите на Ѓокташ, случајот е пример за тоа колку тесен станува просторот за политичка сатира во Турција. За властите, пак, станува збор за постапка во рамки на законите што ја штитат институцијата претседател и религиските чувства на граѓаните.

Засега не е објавен датум за почеток на судењето. Ѓокташ останува во притвор до понатамошна судска одлука.

е-Трн да боцка во твојот инбокс