„Гардијан“: Атина има околу 800 илјади жители, а ја посетуваат 8 милиони туристи

Градоначалникот Харис Дукас предупредува дека Атина не може да функционира како огромен хотел и најавува правила против прекумерниот туризам.

Атина се соочува со сè поголем притисок од прекумерниот туризам, пишува „Гардијан“. Градот, кој има околу 800 илјади жители, минатата година го посетиле повеќе од 8 милиони туристи, што создава сериозен товар врз јавните услуги, инфраструктурата и секојдневниот живот на локалното население.

Градоначалникот Харис Дукас предупредува дека грчката престолнина не може да се развива како огромен хотел и дека се потребни јасни ограничувања и правила за да се зачува животот во центарот на градот.

„Атина не може да функционира како да е огромен хотел. Потребни се ограничувања и правила. Градовите мора да имаат збор во начинот на кој се развиваат“, изјави Дукас.

Во центарот на Атина, особено околу археолошките локалитети и тесните улици под Акропол, туристичките групи се присутни речиси насекаде. Дукас вели дека почетокот на туристичката сезона повторно го става градот пред ризик од презаситеност, а цели населби се во опасност да ја изгубат својата автентичност поради неконтролиран туристички развој.

Особено погоден е квартот Плака, едно од најпознатите места под Акропол. Според студија нарачана од општината, бројот на ноќевања во краткорочни изнајмувања во Плака се зголемил повеќе од двојно од 2018 година.

Проблемот не е само во бројот на посетители, туку и во притисокот врз градската инфраструктура. Дукас посочува дека градот инвестира во електрична инфраструктура, водоводни системи, нова канализација и 5Г-мрежи, но дека обемот на туризмот бара постојано дополнителни ресурси.

„Кога имате околу 700.000 жители и 8 милиони посетители, притисокот е огромен. Секој месец се ангажираат повеќе вработени, повеќе опрема, повеќе машини за да се одговори на предизвиците“, вели Дукас.

Случајот со Атина ја отвора пошироката европска дебата за тоа како градовите можат да останат отворени за посетители, а истовремено да не го изгубат карактерот, достапноста и квалитетот на живот за своите жители.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни