Трамп самоуверен: САД ќе го контролира Ормускиот теснец и ќе наплаќа за тоа

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека тие веројатно ќе преземат контрола над операциите во Ормускиот теснец и дека очекува другите земји финансиски да го надоместат Вашингтон за заштитата на тој стратешки важен пловен пат.

„Ние ќе го чуваме. Ќе бидеме платени за неговото чување, многу пари”, изјави Трамп во интервју за Fox News, обвинувајќи го Иран дека го прекршил меморандумот за разбирање постигнат меѓу двете земји на 18 јуни. Во подоцнежна објава на Truth Social, тој прецизираше дека САД очекуваат надомест од 20 отсто на секој товар што поминува низ теснецот и најави дека процесот за тоа ќе започне веднаш.

Изјавите доаѓаат по нова размена на напади меѓу американските и иранските сили. Иран во текот на викендот и денес испука ракети и дронови врз американски воени објекти во повеќе заливски држави, додека американската војска нападна ирански системи за противвоздушна одбрана, крајбрежни радари, ракетни и беспилотни капацитети, како и помали пловила. Централната команда на САД (CENTCOM) соопшти дека последните напади погодиле и објект за одржување подморници и бродови во поморската база Бендер Абас, при што за прв пат во борбени операции биле употребени безбедносни морски дронови.

Иран во сабота објави дека повторно го затворил Ормускиот теснец по, како што тврди, неовластен премин на едно пловило, а Техеран потоа соопшти дека преминот ќе остане затворен додека не се воспостават „стабилност и мир”. Иранската Револуционерна гарда порача дека редовната пловидба може повторно да се воспостави единствено ако престанат американските воени интервенции во теснецот, предупредувајќи дека продолжувањето на американското дејствување би можело да предизвика уште поголеми пореметувања на светскиот пазар на нафта и гас. САД, од друга страна, тврдат дека Иран не го контролира теснецот и дека американските сили се распоредени за да обезбедат слободна пловидба.

Ормускиот теснец, низ кој пред војната поминуваше приближно петтина од светските испораки на нафта и течен природен гас, останува клучно бојно поле во конфликтот. Податоците од сервисите за следење бродови покажуваат дека сообраќајот низ теснецот во последниве денови паднал на најниско ниво во повеќе од пет седмици.

Иран се обидува да воспостави сопствен систем за управување со сообраќајот и наплата на премин низ теснецот, додека САД инсистираат на слобода на пловидба и тврдат дека Техеран нема право еднострано да одредува кој смее да минува. Трамп минатата седмица веќе изјави дека го смета прекинот на огнот за завршен, иако целосно не ја исклучи можноста за продолжување на преговорите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс