ВИДЕО: Инфантино трчаше низ сцената да го тргне Трамп по финалето

Претседателот на ФИФА мораше физички да интервенира откако американскиот претседател одби да ја напушти бината додека Шпанија славеше титула
Фото: EPA/SARAH YENESEL

Американскиот претседател Доналд Трамп одби да ја напушти бината откако Шпанија го освои трофejот во синоќешното финале на стадионот МетЛајф во Њу Џерзи, по победата над Аргентина во финалето. Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, мораше да претрча преку сцената за да го тргне настрана, за играчите да прославуваат сами.

Шпанија ја победи Аргентина со 1:0 во финалето на Светскиото првенство на стадионот МетЛајф. Феран Торес влезе од клупата и го постигна погодокот во 106-тата минута од продолженијата, откако Нико Вилијамс со глава ја спушти топката до него. Аргентина, водена од Лионел Меси, остана без ниту еден шут во продолженијата.

По церемонијата на медали, Трамп му го врачи трофejот на капитенот Родри. Наместо да им остави простор на играчите за нивниот момент, Трамп остана на бината со нив. Инфантино мораше да претрча преку платформата за да стигне до американскиот претседател и да му сугерира да се тргне, за да може шпанските играчи да прослават.

Слична сцена се случи и на финалето на Светското клубско првенство, кога Челзи го победи ПСЖ на истиот стадион пред една година. Тогаш Инфантино се обиде да го одведе Трамп од бината додека Рис Џејмс го креваше трофejот, но претседателот остана. Трамп тогаш непријатно позираше за фотографии меѓу играчите и функционерите, сè додека Инфантино не го премести на помалку истакнато место.

Пред финалето, безбедносните мерки на стадионот беа зголемени поради присуството на Трамп. Публиката го пречека со свирежи уште за време на химните, а истата реакција се повтори кога 80-годишниот претседател излезе на теренот пред церемонијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс